X
 11.01.2019 Живот

Јапонците ја воведуваат дремката како дел од работните задачи

Замислете да работите за работодавец кој, свесен дека не спиете доволно навечер, ви дозволува да ја оставите работата и да дремнете - сето тоа како дел од вашите редовни работни задачи. И тоа не само кратко дремнување на вашето биро, туку во тивка соба каде што ќе можете на мир да се одморите и да се наспиете.

Ова се некои од мерките што се користат од сѐ поголемиот број компании во Јапонија за борба против епидемија на несоница, што ја чини економијата 138 милијарди долари годишно.

Минатата година компанијата „Некстбит“, давател на ИТ-услуги, воведе две „стратешки соби за спиење“ - една за мажи, а друга за жени во седиштето во Токио. Ароматизираните простории располагаат со уреди што ја блокираат вревата, овозможувајќи им на работниците да легнат и да се одморат на креветите. Во собата се забранети мобилни телефони, таблети и лаптопи.

- Дремнувањето може да му подобри ефикасноста на некого, исто како избалансираната исхрана и вежбањето - вели Емико Сумикава, член на одборот на „Некстбит“.

јапонија
Фото: Alamy


Исто така, „Некстбит“ побара од вработените да си имаат заминато од работа до 21 часот и да се воздржат од прекумерна прекувремена работа, поради која имало голем број случаи на кароши или смрт од прекувремена работа.

Една компанија дури и нуди финансиски стимулации за да ги убеди своите вработени да избегнуваат прекувремена работа, но и да легнат во разумен час. „Крејзи“, компанија за планирање венчавки, ги наградува со поени оние вработени што спијат најмалку шест часа навечер. Поените можат да се разменат за храна во кафетерија на компанијата. Користејќи апликација за следење на нивниот сон, работниците можат да акумулираат поени во вредност од 64.000 јени (500 евра) годишно.

Истражувањето спроведено со помош на фитнес-уреди од 28 земји покажа дека Јапонците просечно спијат само 6 часа и 35 минути навечер - 45 минути помалку од меѓународниот просек. За разлика од Јапонците, Финките, пак, спијат речиси еден час подолго, со просек од 7,45 часа. Естонците, Канаѓаните, Белгијците, Австријците, како и Холанѓаните и Французите, имаат релативно пристоен сон навечер, покажува истражувањето.

Одделна анкета спроведена од компанијата за здрави производи „Фуџи Риоки“ откри дека 92,6 отсто од Јапонците на возраст над 20 години изјавиле дека не спијат доволно.

Дури и уморните работници чии работодавци допрва официјално треба да ги одобрат дремките на работа знаат дека одморот на работа, макар и неколкуминутна дремка на бирото, најверојатно нема да ги доведе во неволја. Компаниите генерално толерираат „инемури“ или спиење додека сте присутни, како демонстрација за посветеноста на своите вработени наместо како знак на мрзливост.

Министерството за здравство во Јапонија им препорачува на сите работници да дремнат најмалку 30 минути во раните попладневни часови - совети што лесно ги прифатија некои од политичарите во земјата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот