X
 11.03.2021 Наша тема

Тоше Темелков, пијанист од Велес, татко на 5 деца: Повеќе настапувам во странство отколку во земјава, а со љубов сѐ се постигнува

„Таму каде што има публика, таму сакам да настапувам. Колку почесто настапувате, толку повеќе ѝ се препуштате на магијата на музиката и почнувате да ги внесувате луѓето во една димензија каде што проблемите и маките не изгледаат толку големи“, е мотото на пијанистот Тоше Темелков од Велес, кој во последните неколку години има многубројни настапи повеќе по светот отколку дома, па речиси е непознат за пошироката јавност во земјава.

Музичките гени ги наследил од дедо му, кој свирел на мандолина, но дарбата за пијано ја препознала неговата наставничка од Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, Нада Зографска.
Првите чекори во музиката Темелков ги прави во родниот град Велес во Основното музичко училиште „Стефан Гајдов“, во класата на Мерџана Челева, а подоцна и кај м-р Светлана Ташева. Средно музичко училиште завршил во „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на м-р Нина Среброва, која влијаела тој да продолжи со пијано наместо со бас-гитара и свирење во бенд, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професорот Борис Романов во 2004 година.



Со дела од Бетовен, Рахманинов, Менделсон и Прокофјев, Тоше Темелков има настапувано со Камерниот оркестар на ФМУ, Македонската филхармонија, на многу концерти на летните фестивали низ Македонија, во Србија, Унгарија, Словенија, Германија, Полска, Чешка и неколку пати во некои од државите во САД.

Музиката бара многу посветеност и константно вежбање. Што е потребно да се достигне нивото на кое си сега?

- Потребна е константна мотивација. На секој музичар му е потребна мотивација и кај секој тоа е различно. Мене ме мотивира желбата да бидам подобар денес од она што бев вчера. Кога сум мотивиран, не ми треба многу напор да седнам и да вежбам, тоа си доаѓа природно. Јас не сум човек кој ги брои часовите. Не можам лесно да одговорам на прашањето - колку часа дневно вежбаш? Вежбам сè додека не ја постигнам целта за тој сегмент од вежбањето. Една од целите може да биде: сакам да ја научам напамет првата страница од композицијата. Друга цел може да биде: сакам двете раце да звучат посинхронизирано. Важен дел од развојот на еден музичар се настапите. Музичар кој само вежба, а не настапува или настапува многу ретко се соочува со многу проблеми кои не можат да се решат во текот на вежбањето. Јас ги имам поминато тие моменти кога тремата знае да надвладее и кога сè што сум вежбал претходно како да било бесполезно. Колку почесто настапувате, толку повеќе ѝ се препуштате на магијата на музиката и почнувате да ги внесувате луѓето во една димензија каде што проблемите и маките не изгледаат толку големи.

Имаш повеќе концерти во странство отколку дома. Иако си настапувал на многу концерти низ Македонија, публиката не е толку запознаена со твојот успех. Зошто?

- Она што го имам постигнато спаѓа во рамките на очекуваното. Дете од осум години почнало да учи да свири на пијано, се запишало на средно музичко, факултет, магистерски и се очекува да има некаков резултат. Се трудам колку што можам да одржувам редовни концерти во Велес и во Скопје. Принципот по кој се водам е едноставен - таму каде што имам публика, таму сакам да настапувам. Најголемата публика од светот ја имам на мојот јутјуб-канал, преку кој и најмногу се промовирам.



Имаш сопруга Американка, а живеете во Скопје. Семејство, работа, патувања, вежбање, концерти. Кој е рецептот за ваквиот начин на функционирање?


- Да, жена ми е од Охајо. Tаа живееше тука уште пред нашата врска. Го научи јазикот, културата и еве веќе скоро 15 години сме заедно тука. Имаме пет прекрасни дечиња. Целосно сме посветени на нивното воспитување. Многу често ни го поставуваат прашањето: Како постигнувате со сите обврски? Нашиот одговор е секогаш: Со Божја љубов и сила. Ретко кој од луѓето што ги знам знаат да црпат од непресушниот извор на Божјата љубов и сила. Ние како семејство се молиме заедно, читаме Библија заедно итн. Без вербата во Бога, сигурен сум дека ќе беше многу потешко.



Најголемиот дел од концертите во текот на годината ги одржуваш во САД. Дали класичната музика таму има поедуцирана и помногубројна публика?

- Во САД, но во последно време и во Европа (Полска, Чешка, Унгарија, Франција). Не се мери квалитетот на публиката, туку сè зависи од оној од кој се очекува да ја направи атмосферата уникатна. На пример, пред концертот во Прага еден од организаторите ми пријде и ме предупреди дека луѓето во Чешка се многу ладни, дека не покажуваат многу емоции и да не очекувам овации или бис. Јас го ислушав и му реков дека ќе разговараме на оваа тема по концертот, кој заврши со овации и со бис.

Како е да се настапи пред своја публика во родниот Велес?

- Големо задоволство и уживање! Велес го гледа мојот напредок уште од самите почетоци, пред околу триесет години. Таму сум најреален и свој, без глума.

Изведуваш дела од Бетовен, Рахманинов, Менделсон... Имаш богат репертоар, но сигурно некој автор од класичната музика и неговите дела најмногу те привлекуваат?

- Како и повеќето пијанисти, и јас го сакам Сергеј Рахманинов поради неговата брилијантност во креирањето на мелодиите. Тој знае како да ве држи во неизвесност до самиот крај на делото.

Кое дело е најлесно да се отсвири, а кое бара најмногу енергија и совршенство?

- Најлесно е да се претставите со некое непознато дело, на пример, квинтетот од Бородин. Јас повеќе пати имав таква можност и една од тие можности беше овој квинтет, кој го изведов како солист со оркестарот на Факултетот за музичка уметност. Ризикот е многу мал, очекувањата од публиката се сведени на минимум, но би рекол дека најтешко е да изведете некое многу познато дело, на пример, Вториот концерт за пијано и оркестар на С. Рахманинов. Се пријавив на аудиција да го отсвирам овој концерт со Македонската филхармонија и не успеав најмногу затоа што очекувањата беа големи. Јас не отсвирив лошо, ама требаше да се покажам со квалитет на ниво на светски познатите изведби на ова дело.

Освен со музика работите и на теми кои подразбираат лидерството, eмоционалната интелигенција, тимската работа, jавното говорништво...

- Основач сум на „Лидер импакт“, која почна со работа во jануари 2017 г. Работиме најчесто со компании каде што има потреба од трансформација во водството. Имаме обуки кои опфаќаат теми од лидерството, eмоционалната интелигенција, тимската работа, jавното говорништво итн. Имаме тим од 15 луѓе кои исто така поминуваат обука која ја водам јас. Целта е едноставна: со подобрување на водството во компаниите се променува културата на целото општество. Помалку корупција, повеќе доверба, повеќе луѓе со примерен карактер итн. Она што го промовираме е баланс во животот на еден лидер и развој во 3 основни сфери: професионален, личен и духовен развој. Лидерите се луѓе со голем капацитет и тие мора да најдат начин како да ја исполнат својата цел во животот. Да доживеат трансформација и да направат промена во општеството.


Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема