X
 11.04.2018 Наука

Седум предвидувања на Стивен Хокинг за нашата иднина

Најпознатиот научник по Алберт Ајнштајн, Стивен Хокинг, е познат по своите револуционерни дела во физиката и космологијата. Тој проба да објасни како дејствува нашата вселена, но некои од неговите ставови за иднината на Земјата и на човештвото се прилично песимистички.

1. Генетички модифицираните вакцини ќе доведат до драматични промени


Хокинг сметаше дека една од најголемите закани за човештвото не доаѓа од вселената, туку од она што луѓето го создаваат. Научниците ги проучуваат генетички модифицираните вируси и ги користат за лекување болести, но откриле и други можни примени. На пример, истражувачите што го создале вирусот кој би можел да ги убие клетките на ракот откриле и дека исто така може да ја намали потребата за пиење така што ќе го воведат во невроните кои го контролираат однесувањето на зависникот.

2. Вонземјаните ќе дојдат на нашата планета

Хокинг веруваше дека постојат и други облици на живот во вселената и дека не се пријателски настроени. Во 1983 година во книгата „Кратка историја на сè“ тој ја претстави својата теорија „без граници“ која опишува како Земјата настанала со експлозија. Според Хокинг, нашата вселена е само една од многуте вселени создадени со низа други експлозии. Бидејќи сè уште нема докази за тоа дека не сме сами во универзумот, постои голема можност вонземјаните да дојдат со лоши намери.

3. Вселената не е вечна

Во својот последен труд „Елегантен излез од вечното ширење“, довршен две недели пред да почине, Хокинг предвидува дека нашата вселена на крајот ќе избледи до мрак бидејќи сите ѕвезди ќе останат без енергија. Затоа, според него, мораме да дојдеме до друга вселена што е можно поскоро ако сакаме да преживееме.


4. Роботите ќе ги заменат луѓето

Иако животот на Хокинг зависеше од вештачката интелигенција, тој воопшто не ѝ веруваше. Еднаш рече дека тоа би можело да биде најлошиот изум во историјата на нашата цивилизација бидејќи можеби ќе го замени човекот. Покрај сегашните благодати од вештачката интелигенција, Хокинг предупреди дека понатамошниот развој на ваквата технологија би можел да биде кобна грешка ако не сме свесни за ризикот што таа би го донела.

- Кога луѓето ќе ја развијат вештачката интелигенција, таа ќе се осамостои и ќе се редизајнира - сметаше Хокинг.

5. Нуклеарното оружје ќе го уништи човештвото

Според Хокинг, агресијата и ирационалното однесување се човечки особини од кои треба да се ослободиме. Меѓутоа, судирите во светот не стивнуваат, а развојот на воената технологија и на оружјето за масовно уништување би можел да има катастрофални последици кои би значеле крај на светот каков што го познаваме.

6. Ќе мораме да најдеме уште една планета за живот

Познатиот физичар сметаше дека имаме рок од сто години за да пронајдеме идеална планета за живеење, инаку ќе умреме бидејќи нашата планета веќе ја достигнала точката од каде што нема враќање. За да се спасиме од проблемите, како огромниот раст на населението, загадувањето, уништувањето на шумите, мораме да станеме мултипланетарен вид и да пронајдеме нови светови.

Некои од идеалните планети и небесни тела се Месечината, Марс, Церера, Европа (месечина на Јупитер), Титан (најголемата месечина на Сатурн), како и Кеплер-452б, која кружи околу ѕвезди како Сонцето на 1.400 светлосни години од нас и изгледа исто како нашата планета.


7. Земјата ќе се претвори во огнена топка

Хокинг мислеше дека нашата планета во следните 600 години ќе стане вжештена огнена топка. Поради пренаселеноста, потрошувачката на енергијата ќе ја загрее планетата и човековата раса ќе изумре. Глобалното затоплување би можело да ја направи Земјата слична на Венера, каде што просечната температура е околу 250 Целзиусови степени, често би паѓала сулфурна киселина, а брзината на ветрот би била до 100 метри во секунда.

- Климатските промени се една од големите опасности со кои се соочуваме и тоа е она што можеме да го спречиме ако дејствуваме сега - изјави тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука