X
 11.04.2020 Наука

Познатиот германски виролог Хендрик Стрик објаснува како функционира Ковид-19

Германскиот виролог Хендрик Стрик неодамна даде интервју за германската Ер-те-ел телевизија.

Хендрик Стрик е професор по вирологија и директор на Институтот за вирологија и истражувања на ХИВ на Универзитетот во Бон. Тој ја објасни методологијата на своето ново истражување во Хајнсберг, „епицентарот“ на избувнувањето на Ковид-19 во Германија, а зборуваше и за потенцијалните планови за една земја постепено да се врати во нормален живот.

Во последните неколку недели неговиот тим заврши значителни истражувања спроведени преку анкети и истраги во домовите низ целиот регион Хајнсберг - каде што се пријавени повеќе од 1.400 случаи. Хајнсберг има 250.000 жители и 46 смртни случаи поврзани со коронавирусот.

Наодите од истражувањето веќе дадоа некои индикации за тоа како функционира вирусот.

- Нема значителен ризик од зараза од болеста кога одите да купувате. Појавите на инфекцијата отсекогаш беа резултат на преголемата близина меѓу луѓето во подолг временски период, на пример, ски-забавите во Австрија. Кога зедовме примероци од рачките на вратите, телефоните, тоалетите, не беше можно да се култивира вирусот во лабораторијата врз основа на овие брисеви - вели докторот.

bolnica
Фото: University Hospital Bonn

- За да се заразите од вирусот, треба некој да се искашла во дланката, да допре рачка од вратата и веднаш потоа друга личност да ја фати рачката и да си го допре лицето - додава тој. Токму поради тоа, Стрик верува дека постојат мали шанси за пренесување на вирусот преку контакт со контаминирани површини.

Факт е дека Ковид-19 се пренесува преку капки што ги исфрла заразеното лице преку кивање и кашлање и не може да се пренесува преку воздухот, нешто што претходно беше потврдено од вирологот Кристијан Дростен.

Но, постојат и други наоди за тоа како се шири Ковид-19. Експерти од американскиот национален Институт за здравје дошле до заклучок дека вирусот може да преживее 24 часа на хартија, 3 часа во аеросоли и до три дена на пластика и не'рѓосувачки челик. Како што наведува Институтот „Роберт Кох“ на својата веб-страница, ваквите научни истражувања се реализираат во експериментални услови, па затоа не се многу репрезентативни за ризикот од пренесување во секојдневниот живот.

Хајнсберг сега ќе биде центар за спроведување на друго истражување што оди подлабоко за дополнително да се процени како вирусот се шири и како може да биде спречен. Истражувањето ќе следи репрезентативен примерок од 1.000 луѓе.

- Резултатите од ова подетално истражување потоа може да послужат како основа за препораки за национални стратегии. Важно е да се добијат овие податоци за да се осигуриме дека одлуките се носат врз основа на факти, а не претпоставки. Податоците треба да послужат како информации за владата да може потоа да размисли за понатамошниот тек на дејствување - вели вирологот.

Стрик вели дека Хајнсберг нуди идеална ситуација за да се најдат одговори за остатокот од Германија, за Европа и за целиот свет.

Во врска со мерките што моментално се спроведуваат, тој лично смета дека е важно да се имаат предвид потенцијалните негативни ефекти што можат да ги донесат некои мерки:

- Луѓето би можеле да ги изгубат работните места. Можеби повеќе нема да можат да плаќаат кирија, а изолацијата во домовите може да доведе до слабеење на нашиот имунолошки систем. Целта не е целосно задржување на вирусот. Треба да знаеме кои се вистинските граници на капацитетот на нашите болници. Колку инфекции се премногу? Што велат медицинските лица од интензивната нега? - вели Стрик.

Според него, важно е да се достават релевантни факти за луѓето да имаат добра основа за своите одлуки.

Извор: RTL
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука