X
 11.04.2022 Живот

Едни наставници штрајкуваат, други не, ќе има ли решение за платите во образованието?

Низ државата има училишта во кои целосно се штрајкува, а во други некои наставници одржуваат настава. СОНК бара да се усогласат платите во образование по колективен договор со минималната плата на национално ниво

Сликата во училиштата за средно образование е различна откако утрово започна најавуваниот штрајк во образованието. Директорот на средното стручно училиште „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев, вели дека во ова училиште 17 професори се во штрајк, а другите не се, од вкупно 58.

- Професорите што не штрајкуваат одржаа настава. Учениците дојдоа денеска на часови, а ние мора да ги згрижиме. Ние си го почитуваме законот, а според член 25 од Законот за средно образование, треба да има заменски наставници во ваков случај. Јас како директор побарав да ми се обезбедат заменски наставници за да се одржува наставата - вели Ѓорѓиев.

Во гимназијата „Орце Николов“ една третина од наставниците не штрајкува, а другите две третини од колективот се во штрајк.

Во меѓувреме, министерот за образование и наука Јетон Шаќири при посетата на училиштето „Владо Тасевски“ изјави дека ќе повика во најбрз можен рок да се најде заеднички договор за проблемите и наставата да продолжи. Тој додаде дека таму, од вкупниот број 117 вработени, 18 се во штрајк, наставен кадар и технички персонал, и дека тие се во посебна просторија.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера ги повика наставниците од основните и од средните училишта да се погрижат да не се наруши образовниот процес и децата да се стават на прво место. Тој на „Фејсбук“ нагласи дека доколку се реализираат барањата вака како што се поставени, ќе се покачи инфлацијата и нема да се добие ништо.

Во меѓувреме во образованието имаме хаотичен ден, учениците и родителите не знаат што да прават, наставниците имаат спротивставени мислења, а ситуацијата по школите е секаде различна.

- Не ги пуштив децата на училиште, се солидаризираме и ние како родители со штрајкот на наставниците за поголеми плати - вели мајка на двајца основци на првиот ден од штрајкот кој го организира Синдикатот за образование, наука и култура.
Денеска наставниците не одржуваа настава, а во време на штрајк згрижување деца не е нивна должност. Сепак, оние ученици што дошле на училиште, биле згрижени од некои наставници или од вработени во стручната служба.

Светлана Масларевска, директорката на Основното училиште „Коле Неделковски“ во Општина Центар, вели дека денеска биле згрижени сите дечиња од 1. до 5. одделение, имале настава и топол оброк.



- Кај нас во штрајк се наставниците од предметна настава. Тука имаше помал број ученици што дојдоа и беа прифатени, седеа неколку часа, но немаа класична настава. Учениците беа пуштени по желба на родителите. Во предметна настава децата имаа еден час одделенски, еден час физичко, но со стручната служба - вели Масларевска.

Таа испратила допис до Општината за ангажирање заменски наставници, но и тоа е процедура, па неизвесно е дали ќе бидат ангажирани заменски наставници на ниво на држава, како што налага Законот за основно образование.

- Ние како директори сме во многу незавидна ситуација. Ние сме должни да ги згрижиме децата, ете кај нас е добро што наставниците се со децата. Не можеме да ги вратиме. Има многу нејаснотии, а целава ситуација е неубава и неприродна за во училишната средина - додава директорката.

Низ државата има училишта во кои целосно се штрајкува, а во други, пак, некои наставници одржуваат настава. Во „Тошо Велков Пепето“ во Кавадарци, целиот колектив е во штрајк. На училиште дошле дваесетина ученици, но си заминале по извесно време. Заменски наставници во ова училиште, но и во други во земјава засега не се ангажирани.

- Не ги однесов моите деца на училиште. Зошто да мрзнат? Им беше кажано дека нема да им држат настава иако наставниците се во училиштата - вели мајка на двајца основци во училиште во Штип.

Согласно членот 50 од Законот за основно образование, во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат, додека трае штрајкот.
СОНК долго време бара да се усогласат платите во образование по колективен договор со минималната плата на национално ниво. Ова прашање повторно стана актуелно по новата одлука на надлежните согласно која минималната плата во државата ќе изнесува 18.000 денари.

Ако се има предвид дека минималната плата во државата е 18.000 денари, број кој се множи со коефициентот за сложеност на работно место, кој за позицијата наставник во основно образование изнесува 2,503, тогаш излегува дека платата на наставник треба да изнесува 45.054 денари. За професор во средно образование, овој коефициент е 2,533, што значи дека платата на професор во средно треба да биде 45.594 денари. За работно место хигиеничар, коефициентот е 1,3, што значи дека хигиеничар во училиште би земал плата од 23.400 денари.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот