X
 11.05.2018 Култура

Младите Кинези се против правилото за работа 996

Ноќен живот, музеи, концерт во живо - Шангај нуди сè што ги привлекува младите професионалци во скап град. Но 25-годишниот Ли Жепенг, кој пристигнал од срцето на Кина, не уживал во ништо од тоа.

Наместо тоа, тој го поминал своето време во канцеларијата, работејќи. Пристигнувал на работа во 9 часот наутро, по 90-минутно патување до предградие каде што неговата компанија изнајмила евтин канцелариски простор и, како по обичај, останал до 20 часот.

- Понекогаш не постои причина за работење долги работни часови - но тоа е цела култура на работата - вели Ли. Од младиот професионалец се очекува да се придржува кон овој исцрпувачки распоред за работа, кој стана толку нормален за кинеските компании, што сега се нарекува 996: работење од 9 наутро до 9 навечер, 6 дена во неделата.

Како вработен од понизок ранг, Ли е задолжен за објавување описи на играчки и на ранци. Од него се очекува да работи и во недела, кога одговара на прашања од клиенти од Австралија, Европа и од Америка.

За тоа Ли добива месечна плата од 560 долари. Тоа е помалку од половина од месечната цена за изнајмување еднособен стан надвор од центарот на градот, па затоа тој дели мал стан со тројца цимери.

Ли вели дека немал избор: студирал англиски јазик, а не на некое научно или технолошко поле, и морал да избере нискорангиран универзитет. Голем дел од неговите пријатели се невработени. Тој, пак, станал дел од феноменот - млади професионалци што работат за работодавци кои од нив очекуваат постојано да се достапни и да работат многу работни часови.

- Според моето искуство, младите луѓе, особено генерациите по 90-тите години, не се подготвени да работат прекувремено - тие повеќе се насочени кон себе - вели експертот за права на работниците Ли Џупенг, еден од многуте што ги набљудуваат милениумците и концептот 996.

kina
Фото: Getty Images


Релативното изобилство на нивните родители и баби и дедовци е дел од причината. Брзата економска трансформација на Кина довела до значително зголемување на средната класа, при што речиси 70 отсто од урбаното население во земјата заработувало помеѓу 9.000 и 34.000 долари годишно, во 2012 година. Во 2002 таа бројка изнесувала само 4 отсто.

Милениумците добиваат голема поддршка од нивните семејства - вклучувајќи ја и финансиската мрежа за безбедност доколку нивните кариери не одат според планираното. Иако нивните опции се ограничени, повеќето од нив не се подготвени да работат прекувремени работни часови за пониска плата.

Во голем дел од случаите младите работници ги тужеле своите работодавци.

- Теоретски, распоредот за работа 996 е противзаконски - вели Занг Ксиаолин, легален советник. Компаниите можат да аплицираат за посебна дозвола за усвојување распоред 996 доколку нивниот бизнис гарантира. На пример, пилотите и кондуктерите на возовите можат да работат подолги смени од 8-часовните предвидени со кинеското право. Но бизнисите со е-трговија, како онаа за која работи Ли, не се квалификуваат за 996.

-  Дури и ако овие компании се обидат да аплицираат за овие работни часови, повеќето нема да добијат одобрение - вели таа.

И не е само прекувремената работа, туку и платата - повеќе од 40 отсто од компаниите што биле интервјуирани немале јасна шема за надомест за прекувремена работа.

Милениумците во Кина се добро образовани, повеќе свесни за своите права и бараат работа која има вредност. Токму затоа тие негативно реагираат на правилото 996.

Постои историска причина за појавата на културата 996.

Кога во почетокот на 21 век кинеската технологија и стартап-сцената почнале да цветаат, повеќето компании барале вработени што ќе сакаат да работат 24 часа, нешто што им помогнало да прераснат во огромни компании.

- Во последните 10 или 15 години работната култура е исклучително интензивна - вели Вилијам Бао Бин, извршен директор на стартап-компанија.

- Фактот дека сега постои збор за тоа и дека разговараме за овој феномен покажува дека пазарот зрее - додава тој.

Сепак, тој додава дека луѓето што ја сакаат својата работна средина не се жалат на прекувремената работа. Компаниите што ги инспирираат своите вработени нудат добри пакети за компензација, кои се престижни, па можат да најдат луѓе што би работеле 996 без приговор.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура