X
 11.06.2020 Култура

Саат-кулите од османлискиот период во Македонија

При извршување на новите санации, кои треба да ги вршат регионалните одбори за заштита кои, за жал, главно се некомпетентни и нестручни, саат-кулите однапред се осудени на пропаст

Пишува: Ерсин Дико - магистер по заштита на културно наследство

Иако саат-кулите се измислени на Блискиот Исток, тие биле создадени од западните држави. Овие саат-кули, кои се репрезентативни монументални симболи, почнале да се среќаваат во европските држави уште од 13 век. Почнувајќи од овој век, саат-кулите се појавиле во многу палати (дворци) и цркви. Појавата на саат-кулите во Османлиската Империја се случи на балканските територии во 16 век. Македонија (Скопје) саат- кула, Босна и Херцеговина, (Бања Лука) саат-кула и саат-кулата во Србија (Јагодина) и др.

Во Османлиската Империја саат-кулите претставувале јавен апарат преку кој се регулирало времето. Најчесто изградени на градските плоштади, ридови, врвови, згради, врз фасадите на училиштата, најдобро говорат за степенот на развој на османлиската архитектура и несомнено треба и мора да подлежат на посебен третман за нивна заштита и зачувување.

Саат-кулата во Скопје/Фото: Википедија

Човештвото уште од античко време користелo алатки, како што се сончев и песочен часовник, за мерење на времето. Во античко време луѓето формирале едноставен механизам со стап за да го разберат времето и го определувале според сонцето со метод на набљудување. Значи, тие ја развиле првата едноставна техника за мерење со која се утврдувало времето, во зависност од позицијата на сонцето. Подоцна, Вавилонците, Грците и Римјаните исто така ја користеле техниката на сонцето за мерење на времето.
Во исламската историја најстариот познат сончев часовник датира од 10 век. Во османлиската се забележува дека сончевите часовници или сондиите биле многу користени. Според некои извори, најстариот сончев часовник на османлиска територија се наоѓа на ѕидот на Кибла во Коња, во џамијата Хаци Хасан, а датира од 1409 година.

Бројот на часовници што влегле во секојдневниот живот кон крајот на 16 век, во османлискиот период, се зголемил во поголемите и помалите градови низ 18 и 19 век. Едни од главните причини за ваквото ширење биле моќта и авторитетот на државата, кои постепено се намалувале во 19 век. Ваквите структури биле симбол на моќ и авторитет во текот на историјата. Во Османлиската Империја ваквиот стил на градење се имплементирaл согласно моделите што се среќавале на Запад.

Бројот на саат-кулите што се изградени во османлискиот период на територијата на Македонија е околу 20, а според истражувањата, утврдено е дека 12 од нив сѐ уште постојат, додека останатите 8 не успеале да ги преживеат бремињата и негрижата на властите што управувале со културното наследство. Од 20 познати, 10 се изградени во западните, односно северозападните делови на државава, исто толку на југ и на исток. Плановите на градбите биле главно креирани согласно местото каде што се одредило да се градат, се забележуваат квадратни, повеќеаголни или, пак, комбинација од двете.

Битолската саат-кула / Фото: Википедија

Со квадратен план и тело се битолската, охридската, велешката, кратовската, кумановската, кичевската, кочанската, кривопаланечката, струшката, ресенската, светиниколската, дебарската и старата кула на Дојран. Од друга страна, саат-кули со повеќеаголно стебло имаме во Прилеп и во Неготино. Додека, пак, комбинации на двете имаме во Скопје, Гостивар и во Тетово.
Општо земено, проблемите со кои се среќаваат саат-кулите се штетите предизвикани од страна на луѓето. Како резултат на небрежност, злоупотреба, дополнување и рушење, доаѓа до промени во планот и изгледот, а некомпетентните и нестручни конзервации се дополнителен фактор за нарушување на хармонијата, естетиката, автентичноста.

При извршување на новите санации, кои треба да ги вршат регионалните одбори за заштита кои, за жал, главно се некомпетентни и нестручни, саат-кулите однапред се осудени на пропаст. Исто така, при теренските истражувања на саат-кулите во Македонија јасно се забележува дека на сите места каде што постојат саат-кули: Гостивар, Прилеп, Битола, Дојран, Кавадарци, Штип, Кочани, од ниту една локална институција што се грижи за заштита на културното наследство не се третираат компетентно и професионално, нешто што сериозно загрижува. Ми се чини дека се работи за неквалитетен и некомпетентен стручен кадар, но тоа не е тема на дебата тука.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура