X
 11.06.2021 Образование

УКИМ го објави Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје го објави Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии во учебната 2021/2022 година.

- Право на запишување на прв циклус академски студии, на академски студии од областа на уметностите и на прв циклус стручни студии имаат кандидати кои положиле државна или меѓународна матура. Во академската 2021/2022 година на прв циклус академски и стручни студии, како и на академски студии од областа на уметностите, право на запишување имаат и кандидати кои се стекнале со диплома за завршено средно образование во траење од четири години во учебната 2019/2020 година, согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба. Право на запишување на прв циклус студии имаат и кандидати со завршено четиригодишно средно образование според прописите кои важеле пред воведувањето на државната матура (пред учебната 2007/2008 година) - стои меѓу другото во конкурсот.

Првиот рок за пријавување на кандидати што се рангираат само според успехот од средното образование е на 31 август и 1 септември, вториот на 16 и 17 септември, а третиот на 28 септември. По објавувањата на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 10 и 13 септември, на 27 септември и на 30 септември, соодветно според рокот на пријавување.

Првиот рок за пријавување на кандидатите кои се рангираат според успехот од средното образование и според проверката на знаењата и умеењата е на 26 и 27 август, додека проверката на знаењата е на 30 август. Вториот рок за овие кандидати е на 14 и 15 септември, а проверката на знаењата на 17 септември. Третиот рок е на 27 септември. По објавувањето на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 10 и 13 септември, на 27 септември и на 30 септември, соодветно според рокот на пријавување.

Најмногу студенти годинава ќе прими Природно-математичкиот факултет - 1.275, потоа следува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство со 1.080, па Правен со 1.055, Филолошки со 1.050 итн.

ТУКА можете да го прочитате целиот конкурс, да погледнете кои документи ви се потребни за упис и колку слободни места има на секој факултет во рамките на најголемиот универзитет во Македонија.

Фото: Архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование