X
 11.08.2020 Наша тема

На ручек само со цимерот, нема одење на гости по соби. Животот во студентските и средношколските домови во време на корона

Станарите ќе треба да носат маски во заедничките простории. Нема да им биде дозволено да се дружат по собите. На јадење ќе треба да одат и да седат на иста маса во мензата само оние што живеат заедно во собата, за да нема мешање со други станари. На тој начин, во случај еден од нив да е позитивен, нема да биде ризик за другите освен за тој што му е цимер. Родители и други гости нема да може да влегуваат во домот

Надлежните во Министерството за образование и наука деновиве ги подготвуваат протоколите за студентските и за ученичките домови во државава. Има многу нови правила кои станарите ќе мора да ги почитуваат, а тие ќе почнат да важат откако Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб ќе одлучат да се отворат домовите во новата академска година.

Во меѓувреме, во тек е аплицирањето за легло во студентските домови. Како што информираат од Министерството за образование и наука (МОН), интересот е голем, што покажува дека студентите се подготвени да му се вратат на студентскиот живот во дом.



- Изготвуваме протоколи за тоа како би било ако овие објекти се отворат. Уште не се усвоени, сега ги работиме. Во тие протоколи јасно ќе стои како ќе тече сместувањето, како ќе се одвива заштитата од Ковид-19. Во домовите има целодневен живот, таму станарите имаат заеднички простории, па ќе мора да има точно означени места за одржување дистанца, како и на шалтерите за подигнување храна. Треба да утврдиме уште некои работи, во смисла на тоа дали објектите ќе работат со полн или со редуциран капацитет, како и тоа кои студенти би биле приоритетни за сместување, како што направивме за градинките, или, пак, сите слободни соби ќе бидат на располагање. Има и трикреветни и четирикреветни соби, па мора да бидеме внимателни - вели заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска.

Таа кажа дека МОН сака да се отворат домовите.

- Кога веќе хотелите се отворени со одредени протоколи, тогаш не гледам проблем да бидат отворени и домовите. Маски ќе треба да носат во заедничките простории, како библиотеки и слично, бидејќи јасно е дека не може 24 часа да се носи маска за лице. Нема да биде дозволено мешање на станарите по собите. На ручек ќе треба да одат и да седат во мензата оние што живеат заедно во собата, да не се мешаат со други станари, за во случај еден од нив да е позитивен, да не е ризик за други. Родители и други гости нема да може да влегуваат во домот. Ќе има посебна просторија за странки и посебен протокол за движење на странки кои треба да одат кај некој од вработените во администрацијата на домовите. Ќе има зголемени мерки на дезинфекција, а често ќе се контролира здравствената состојба на студентите. Ако се почитуваат тие протоколи, мислам дека ќе обезбедиме доволна заштита - информира Наумовска.



Во ученичките домови работат воспитувачи кои се одговорни за средношколците. Еден воспитувач е задолжен за неколку ученици сместени во соби. Со новиот протокол е предвидено воспитувачот да контролира дали некој од учениците кашла, има температура или има некој друг симптом што укажува на инфекција со Ковид-19, за навреме да се алармира.

- И во ученичките и во студентските домови станарите ќе јадат поделени во групи, а не сите наеднаш. Кога ќе заврши едната група, ќе се дезинфицира, па ќе може да јаде втората. Протоколите ќе обезбедат максимална здравствена заштита - уверува Наумовска.

Дарио Николовски, директор на Државниот студентски центар, вели дека се во координација со надлежните во МОН околу подготовката на протоколите. Напоменува дека ќе мора да се функционира според одредени правила за да нема последици.



- Голем дел од работите ќе зависат од свеста на студентите. Тие треба да покажат свест за заедничко добро – рече Николовски.

Согласно конкурсот за упис на нови студенти, во 11 студентски дома има место за 5.419 студенти-станари. Рокот за електронското пријавување на студентите во втора година и во повисоките години е до 17 овој месец. Рокот за електронското пријавување на студентите од прва година почнува од 7 септември и ќе трае до 21 септември. По објавувањето на конечните списоци со примени студенти по домови, ако останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе продолжи додека не се пополнат.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема