X
 11.08.2021 Живот

Шпанско село бара вечерните разговори пред куќите да се најдат на листата на УНЕСКО

Селото Алгар, во провинцијата Кадис на југот на Шпанија, побара традицијата на вечерните разговори на отворено, што се практикуваат низ целата земја во текот на летото, да биде вклучена во листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

Како што рече градоначалникот на Алгар, Хозе Карлос Санчез, потребно е овој стар обичај со векови, кога жештината почнува да попушта и на улиците се вадат столчиња за да се зборува, да се заштити од заканите на социјалните мрежи и телевизијата.

- Ова е спротивно на социјалните мрежи. Станува збор за разговор лице в лице - вели Санчез, кој неодамна поднесе барање до УНЕСКО.

Како што вели, вечерните муабети повеќе не се како порано.

- Затоа сакаме сите да излезат пред своите домови на разговор на отворено, наместо да седат на „Фејсбук“ или да гледаат телевизија - објаснува Санчез.

Тој тврди дека традиционалните разговори на отворено носат бројни придобивки, како што се заштеда на електричната енергија, бидејќи луѓето ги исклучуваат клима уредите на неколку часа. Освен тоа, ноќните разговори нудат и еден вид психолошко ослободување, држејќи ја осаменоста подалеку од луѓето во време кога загриженоста за менталното здравје е прилично голема.

- Жителите излегуваат на улица и наместо да се чувствуваат осамено, она што го добиваат е сесија терапија. Си ги споделуваат приказните или проблемите низ кои минуваат, па соседите се обидуваат да им помогнат - вели градоначалникот.

Околу 1.400 жители на Алгар ја одобрија иницијативата на градоначалникот.

- Досега не сум слушнал никаква критика, сите коментари беа многу позитивни - вели Санчез.

Сега чека УНЕСКО да му каже кои се наредните чекори, но очекува да биде бавен процес, кој може да потрае со години.

Но, во меѓувреме, неговата потрага овој обичај да биде препознаен како културно значење даде неочекуван напредок: медиуми од цела Шпанија дојдоа да го посетат и да го промовираат селото и неговата приказна.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот