X
 11.09.2020 Култура

Најпознатите историски писма: Што му напишал Ганди на Хитлер, а што Елвис на обожавателите

Рачно напишаните писма денес се реткост. Комуницираме дигитално, постојано и претежно во кратка форма. И иако писмата станаа реткост, секогаш се радуваме кога во поштенското сандаче ќе најдеме нешто што не е сметка или реклама. Писмата некогаш биле важен дел од комуникацијата, а тоа го докажуваат и овие осум одбрани примери.

Елвис Присли испраќа поздрави од Германија

- Се извинувам што на секое писмо не можам да одговорам лично - напишал Елвис Присли во 1959 за време на неговиот воен рок во Германија.

Во тоа време тој добивал огромен број писма од целиот свет, па одлучил да им одговори на сите со едно писмо.

- Во мислите сум со сите мои пријатели и обожаватели што ги оставив дома - напишал кралот на рокенролот.

Фрида Кало го „ампутира“ сопругот

На Фрида Кало во 1953, една година пред нејзината смрт, ѝ била ампутирана ногата, пренесува „Дојче веле“. Додека чекала операција му напишала писмо на својот сопруг Диего Ривера.

- Кога ми рекоа дека ќе ми ја ампутираат ногата, тоа не ме шокираше до оној степен како што очекуваа другите. Не, бидејќи веќе бев осакатена жена кога те губев, секогаш одново. И покрај тоа те преживеав.

Фрида Кало го обвинувала својот сопруг за повеќе прељуби, меѓу кои и со нејзината сестра. Писмото завршува со зборовите:

- Ти пишувам за да ти дадам до знаење дека те ослободувам, дека те ампутирам.


Фото: Алберт Ајнштајн/Wikipedia

Алберт Ајнштајн му оддава почест на Махатма Ганди

Алберт Ајнштајн му напишал писмо на Махатма Ганди во 1931 г. полно со воодушевување.

- Со своите постапки докажавте дека со мирни методи може да се постигне многу, дури и со оние што не се двоумат да користат насилство. Можеме само да се надеваме дека вашиот пример ќе влијае и надвор од границите на вашата земја и ќе придонесе наместо со воени конфликти, одлуките да се носат преку меѓународна институција и нивното спроведување да го гарантираат сите учесници.

Ганди веднаш му одговорил и го поканил научникот во неговиот ашрам. Но Ганди и Ајнштајн никогаш не се сретнале.


Фото: Махатма Ганди/Wikipedia

Ганди го предупредува Адолф Хитлер

Писмото на Ганди до Адолф Хитлер е уште помоќно ако се има на ум писмото што Ганди го добил од Ајнштајн. Индискиот политичар му напишал писмо на германскиот диктатор во 1939.

- Драг пријателу, сосема е јасно дека во моментов сте единствена личност на светот што може да спречи војна која би го фрлила човештвото во дива состојба. Дали би послушале апел од некој што го одбегнал воениот метод со голем успех? - почнувало писмото.

Како што е познато, зборовите на Ганди не наишле на плодна почва. Неколку недели подоцна почнала Втората светска војна.

Вирџинија Вулф се простува

Британската писателка Вирџинија Вулф во 1941 му напишала емотивно писмо на својот сопруг Леонардо.

- Ти ми ја подари најголемата среќа што може да се замисли. Ти ми беше сè што некој може да биде. Не верувам дека две човечки суштества може да бидат посреќни отколку што бевме ние пред да дојде оваа ужасна болест - напишала Вулф додека страдала од тешка депресија.

Овој пат, како што напишала самата, таа нема да оздрави.

- Ако некој воопшто можеше да ме спаси, тоа беше ти. Сè ме напушти, освен вербата во твојата добрина.


Фото: Вирџинија Вулф/Wikipedia

Леонардо да Винчи во потрага по работа

Леонардо да Винчи во првата половина на осумдесеттите години од 15 век барал работа кај Лудовико Сфорца како инженер за воена технологија.

- Доколку некоја од горенаведените работи изгледа невозможна, подготвен сум да ја демонстрирам во вашиот парк или на некое друго место, како што ќе одбере вашата екселенција, на која со скромност сакам да ѝ се препорачам.

Сфорца му ја дал работата на младиот Да Винчи, а подоцна од него ја порачал и познатата „Тајна вечера“.

Кралицата Елизабета Втора открива рецепт

Најдобрите рецепти се оние што се напишани рачно. Особено доколку ги напишала кралицата Елизабета Втора. Среќниот примател на ова писмо бил тогашниот американски претседател Двајт Ајзенхауер, кој за време на една посета на Велика Британија се заљубил во палачинките што биле сервирани во дворецот. Неколку месеци подоцна претседателот го добил и рецептот.

- Иако овде наведените количини се предвидени за 16 лица, доколку сакате помалку, јас само ставам помалку млеко и брашно, а кај останатите состојки се држам до наведените количини - напишала кралицата.

Гете ја отвора душата

- Твоето присуство прекрасно влијаеше на моето срце, не можам да ти опишам како се чувствувам - напишал Јохан Волфганг Гете во 1776, полн со копнеж и длабока наклонетост кон Шарлота фон Штајн.

Младиот Гете ѝ напишал повеќе од 1.700 писма на својата љубена, која била постара од него седум години. Сепак, таа му останала верна на својот сопруг. Гете ја ублажувал болката со долг престој во Италија, а оттаму се вратил во 1788 кога ја запознал Кристијана Фулпиус, која подоцна ќе му биде сопруга.

Извор: b92.net
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура