X
 11.11.2020 Култура

Нераскажаната приказна за исчезнувањето на големата Александриска библиотека

Постои мит за библиотеката во Александрија и нејзиното уништување во пожар. Таа целосно исчезнала и постои само во античките текстови. Што се случило?

Постојат многу работи што не ги знаеме за оваа библиотека. Како изгледала, нејзината точна локација, колку книги имало во неа, како изгорела и кој ја уништил. Не знаеме дали библиотеката била уништена поради контрадикторни текстови и отсуство на археолошки остатоци.

Познати факти


Бидејќи нема археолошки остатоци, постојат само антички текстови за тоа како би можела да изгледа библиотеката. Еве како било напишано пред речиси 300 години: „Музејот е дел од палатите. Има јавна патека и место со столчиња и голема сала, во која луѓето што учат, кои припаѓаат на музејот, заедно јадат. Оваа заедница поседува и заеднички имот; и свештеник, претходно назначен од кралевите, но во моментов од Цезар, претседава со музејот“.

За жал, ова не е вистинскиот опис за тоа како изгледала библиотеката. Во описот можете да забележите дека нема ниту едно споменување на библиотеката или книгите.

Дали било музеј или библиотека?

Иако ниеден антички извор не наведува јасно дека музејот и библиотеката биле едно исто, се претпоставува дека биле поврзани или имало библиотека во самиот музеј или зграда на библиотека во близина на музејот.

1
Фото: Museo Archeologico Nazionale di Napoli.

Но, зошто бил наречен музеј? Бидејќи било светилиште за музите. Музите биле божици на музиката и поезијата. Ова значело дека музејот бил верска институција и токму затоа неговиот директор бил свештеник.

Кога била создадена библиотеката?


Не се знае точниот датум на нејзиното создавање, но веројатно било околу 300 година пр.н.е., нарачано или од Птоломеј I или Птоломеј II. Тие биле наследници на Александар Македонски, кој го освоил Египет и станал фараон. Тие управувале со земјата од новиот главен град - Александрија. Ова е причината зошто три века фараоните на Египет биле Грци и зошто јазикот на кој се пишувало во библиотеката бил грчки.

Ова нè води до главните извори за книгите во библиотеката. Најстариот текст е напишан некаде во 2 век пр.н.е: „Деметриј од Фалерум, претседател на библиотеката на кралот, доби огромна сума пари со цел да ги собере сите книги во светот. Со набавка и транскрипција, тој ја извршил, најдобро што можел, целта на кралот.

Бил прашан: Колку илјадници книги има во библиотеката? Тој одговорил: Повеќе од двесте илјади, крале, и ќе се обидам да ги соберам и останатите за да се достигнат вкупно петстотини илјади“.

Вториот текст објаснува како биле земени книгите:

„Птоломеј, кралот на Египет, бил толку желен да собира книги, што наредил да му ги донесат книгите на сите што пловеле таму. Книгите потоа биле копирани во нови ракописи. Новиот примерок им го дал на сопствениците, а тој го оставил оригиналниот примерок во библиотеката“.

Колку книги имало во библиотеката?

Античките автори даваат различни процени за бројот на книгите во библиотеката, па се движи од 40.000, 54.800, 70.000, 200.000, 490.000 до 700.000 книги.

Горењето на библиотеката: доказите


Митот вели дека библиотеката била намерно уништена. Цезар навистина го нападнал пристаништето Александрија. Во тоа време, еден текст ни кажува дека тој ги изгорел сите бродови што биле на доковите. Ова значи дека дрвените чамци врзани во пристаништето изгореле еден по друг и дека ветрот ги ширел пламените јазици до зградите на морскиот брег.

Сепак, во текстот што претходно го опишуваше музејот, напишан 25 години подоцна, не се споменува штета од пожар, ниту трагична загуба на библиотека.

Но, по сто години авторите почнале да го обвинуваат, па така во текстовите пишува дека 40.000 книги изгореле во Александрија.

Следувале повеќе обвинувања, па така во еден антички текст пишува: „Пламенот се прошири на дел од градот и изгоре 400.000 книги складирани во зграда што беше во близина. Беше уништен тој прекрасен споменик на литературната активност на нашите предци, кои собрале толку многу големи дела на брилијантни гении“.

Четири века по Цезар, античките текстови и понатаму ја споменувале Александриската библиотека

На еден натпис на камен се споменува име на директор на Александриската библиотека. Царот Домицијан испраќал луѓе во Александрија да ги препишат и поправат книгите.

2

Друг автор вели дека царот Хадријан навистина го посетил музејот во 130 година од новата ера: „Во музејот во Александрија тој им изнесе многу прашања на наставниците“.

Околу 200 година од новата ера, еден автор споменува одлична збирка книги во музејот: „Што се однесува до бројот на книги, основањето на библиотеки и збирката во Домот на музите (музејот), зошто треба да зборувам, кога тие се наоѓаат во сите сеќавања на мажите?“ Иако тој не споменува никаков пожар, зборува за колекцијата книги во музејот како да е минато.

Последен пат се споменува музејот (или библиотеката) околу 380 година од новата ера, односно повеќе од 400 години откако Цезар наводно ја уништил. Ја споменува Теон Александриски, филозоф и математичар.

Александрија постојано била напаѓана од римските императори

Кој било од тие напади можел да го означи крајот на библиотеката. Царот Каракала го убил населението во Александрија. Аврелијан ја уништил палатата. Друг владетел го запалил цел град. Освен тоа, природата додала на уништувањето со цунами и многубројни земјотреси.

Уште поголема конфузија: имало две библиотеки


Авторите на античките текстови споменуваат две библиотеки, и двете големи. Првата била библиотеката што била дел од музејот, а втората позната и како библиотека-ќерка била најголемиот дел од храмот Серапеум. За жал, се смета дека и оваа библиотека имала трагичен крај.

4
 Урнатините на храмот каде што се наоѓала втората библиотека
Фото: a Institute for the Study of the Ancient World

Не постојат археолошки докази од големата библиотека во Александрија

Старата Александрија е закопана длабоко под денешна Александрија. Не знаеме ни точно каде се наоѓал музејот. Ниту еден камен од зградата на библиотеката не бил пронајден. Ниту еден од папирусите не преживеал. Сепак, неколку артефакти би можеле да бидат поврзани со филозофите, односно потенцијалните членови на музејот. На еден камен пишувало: „Диокорид, 3 тома“. Не е јасно дали станува збор за папирусна кутија или основа на статуа.

Исчезнале и гробовите на Александар Македонски и Клеопатра

5
Фото: Museo Archeologico Nazionale di Napoli.

Александрија, еден од најголемите градови на античкиот свет, бил дом на едно од седумте чуда, Светилникот. Иако не се на списокот на седумте светски чуда, велелепни биле и библиотеката, гробниците на Александар и Келопатра. Еве антички опис на гробот на Александар:

„Птоломеј го однесе телото на Александар и го положи во Александрија, каде сè уште лежи, но не во истиот саркофаг. Сегашниот е направен од стакло, додека Птоломеј го стави во еден направен од злато“.

Александриската библиотека е претворена во Библиотека Александрина

По два милениума откако била создадена, повторно се родила александриската библиотека. Прво, во 18 век, кога музеите станале модерни наследници на музејот на Александрија. Потоа, во 2002 година, кога била отворена новата библиотека, Библиотека Александрина, која се сметала за центар на извонредност во производство и ширење на знаењето, како и место за средба за дијалогот меѓу народите и културите.

Тешко е да се сфати огромниот јаз меѓу митот и реалноста. Токму затоа што големата библиотека исчезнала без трага, митот се зголемувал со векови. Како резултат, единствената граница на чудата на Александрија е нашата имагинација. Покрај тоа, незнаењето кога исчезнала библиотеката и кој бил одговорен значи дека го обвинуваме нашиот избран негативец.

библиотека
Фото: Bibliotheca Alexandrina.

Дали некогаш ќе се открие судбината на библиотеката? Дали конечно ќе откриеме што се случило? Мала е веројатноста, но под градот и понатаму може да има траги. Во 2009 година била пронајдена мермерна статуа на која бил претставен Александар. Еден ден, кога можеби ќе се гради подземна железница или паркинг, може да се открие античкиот град под него.

Во секој случај, сепак можеме да ѝ оддадеме почит на најголемата библиотека на античкиот свет со тоа што ќе се осигуриме дека човештвото никогаш повеќе нема да претрпи толку масовно губење на знаењето.

Автор: Џулијам Депрез
Извор: Thecollector.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура