X
 11.11.2021 Наука

Колку е постар човек, толку е поголемо неговото ниво на антитела против ковид-19

Со појавата на нови варијанти на САРС-КоВ-2 низ светот, ширењето на пандемијата сè уште не забавува, а научниците Џоел Пелтиер и Жан-Франсоа Масон, професори на Универзитетот во Монтреал истражувале дали природната инфекција доведува до создавање повеќе антитела или вакцинацијата.

Во студијата објавена во научното списание „Сајентифик рипортс“, канадските научници откриле дека луѓето што примиле „Фајзер“ и „Астра зенека“ имале нивоа на антитела значително повисоки од нивоата на антитела на заразените индивидуи. Исто така, овие антитела се покажале ефикасни против делта-сојот, кој не бил присутен во Квебек за време на собирањето примероци за студијата во 2020 година.

Масон, специјалист за биомедицински инструменти, и Пелетиер, експерт за хемија на протеини, биле заинтересирани за недоволно проучена група: луѓе што биле инфицирани со САРС-КоВ-2, но не биле хоспитализирани како резултат на инфекцијата.

32 нехоспитализирани возрасни позитивни на ковид-19

Следствено, 32 нехоспитализирани возрасни канадски позитивни на ковид-19 биле регрутирани од Центарот за хоспитализирање на Универзитетот „Лавал“ по 14 до 21 ден откако им бил потврден позитивен ПЦР-тест. Ова се случувало во 2020 година, пред да се појават бета, делта и гама-сојот.

- Сите што биле заразени произведувале антитела, но постарите луѓе произведувале повеќе од помладите под 50 години. Покрај тоа, антителата сè уште беа присутни во нивниот крвоток по 16 недели од нивната дијагноза - вели Масон.

Антителата произведени по инфекција од оригиналниот, „матичен“ вид на вирусот, исто така, реагирале на варијантите на САРС-КоВ-2 што се појавија во следните бранови: бета (Јужна Африка), делта (Индија) и гама (Бразил), но во помала мера: намалување од 30 до 50 отсто.

вакцина
Фото: Pixabay

Изненадувачка реакција на делта-сојот


- Но, резултатот што најмногу нè изненади беше тоа што антителата произведени од природно инфицирани поединци кои имаа 50 години или беа постари обезбедија поголем степен на заштита отколку оние произведени кај лица помлади од 50 години - вели Пелетиер.

- Ова беше утврдено со мерење на капацитетот на антителата да ја инхибираат интеракцијата на протеинот на шилестиот делта-сој со рецепторот ACE-2 во човечките клетки. Не го забележавме истиот феномен со другите варијанти - додава тој.

Кога некој што имал благ случај на ковид-19 се вакцинира, нивото на антитела во неговата крв се удвојува во споредба со невакцинирана личност која била заразена од вирусот. Нивните антитела се, исто така, поспособни да ја спречат интеракцијата на шилестиот протеин и АСЕ-2.

- Но, уште поинтересно е тоа што имаме примероци од поединец помлад од 49 години чија инфекција не продуцирала антитела кои ја инхибираат интеракцијата на шилестиот протеин-АСЕ-2 за разлика од вакцинацијата. Ова посочува дека вакцинацијата ја зголемува заштитата од делта-сојот меѓу луѓето претходно инфицирани од првичниот вид на вирусот - вели Масон.

И двајцата научници веруваат дека треба да се спроведат повеќе истражувања за да се одреди најдобрата комбинација за одржување на најефективното ниво на антитела кои се реактивни на сите варијанти на вирусот.

Извор: Eurekalert.org
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука