X
 11.11.2022 Наша тема

Се штеди струја без да страдаат студентите, постојано има топла вода, чиста постелнина, вкусна храна... Какви се условите во домот „Кочо Рацин“ во Битола

Неонките се заменети со ЛЕД и со светилки на сензор, дел од бојлерите се поврзани на соларна енергија, а покрената е и постапка за набавка на плински шпорети, па потрошувачката на струја досега е намалена за 21 процент

Неонките што светеа по 24 часа низ долгите ходници во сите четири студентски блока сега се заменети со светилки на сензор. По студентските соби се поставени ЛЕД-светилки, како и на триесетината канделабри низ широкиот студентски двор, а дел од бојлерите веќе се поврзани на соларни панели. Вака ни објаснува директорката на Државниот студентски дом „Кочо Рацин“ од Битола, Соња Карапец, додека нѐ носи на обиколка низ установата за да се увериме дека се преземаат мерки за штедење, а тоа не се одразува врз квалитетот на сместувањето на студентите.

Низ ходниците и по собите е чисто, тоалетите се светнати, собите за престој разубавени со цртежи по ѕидовите. Атмосферата е пријатна, во собите е топло, постелнината е чиста, а на ѕидовите се поставени ЛЕД-светилки.



Собите се загреани, а и секогаш имаме топла вода, велат студентите

Тропнавме на една од вратите. Внатре го затекнавме Дејан Дојчиновски од Кичево. Не сака да се фотографира, вели дека не е соодветно облечен. Но, прифати да ни раскаже за условите во домот.



- Од дома сум излезен на 14 години и навикнат сум на домско сметување. Овде е премија, во какви домови сум престојувал, да не кажувам. Сместувањето е одлично. Овој блок е реновиран. Секогаш имаме топла вода и греењето е во ред. Свесни сме во какво време живееме, рационално размислуваме на таа тема. Сите заедно се трудиме домот да ни биде подобар. Имаме партнерски однос. Да не се троши непотребно енергија. Не отидов во стан зашто во дом цената е поволна, имаме и храна, не го бидува секој да готви. Круна на сѐ е одличната дружба. Нови познанства. Ќе заглавам со возилото на Плетвар, па ќе викам другарче од Прилеп да ми помогне - вели Дојчиновски, студент на индустриски менаџмент на Техничкиот факултет.



Во кујната ќе се готви на плин

Со директорката ја продолживме обиколката. Минувајќи низ дворот, кој води до трпезаријата, ни кажува дека до крајот на ноември на ЛЕД-светилките од канделабрите ќе постават и сензори. Влегуваме во пространата трпезарија и кујна кои се дел од блокот А. Уште летото беа ставени во функција бојлерите со соларно затоплување, кои биле инсталирани претходно, но не се користеле.



- Во тек е постапка за набавка на плински шпорети и професионална плинска скара, па кујната ќе ја преориентираме на готвење на плин со целосна инсталација на А-тест. До крајот на следната недела таа постапка ќе биде заокружена. Заштедата во тој дел би била околу 65 проценти во однос на струјата во делот од кујната каде што се готви - вели директорката Карапец.

Кујната е реновирана и е беспрекорно чиста. Готвачот Кире Димовски ги крена капаците од садовите за да нѐ увери дека храната е како онаа што ја подготвуваме дома.



- Цел живот го посветив на подготвување храна, ова за мене е вистинска мајсторија. Денес на менито има ориз, полнети пиперки, печено пиле, салата и банана. Слободно да нѐ посетите и да ја пробате студентската храна кога сакате. Ова е убавина, како дома - ни рече готвачот.

Управната зграда доброволно е исклучена од парното греење за да штеди

Потоа отидовме во управната зграда, која е исклучена од системот на парно-греење за да се штеди. Во управата се неколкумина вработени, па се греат на клима. Доколку со парното го загреваат целиот објект, потрошувачката ќе биде поголема. Во студентските блокови парното работи уште од 5 октомври, кога се намалија утринските температури. Карапец вели дека никогаш не чекаат да дојде официјалниот старт на грејната сезона, туку штом залади, го вклучуваат системот. Домот се грее на мазут, но блоковите и управната зграда се одделени во посебни објекти. На сите влезни врати од блоковите се поставени брави со тегови што придонесува за поголема безбедност на објектите и на студентите, но и заштеда на топлинска енергија.



- Во споредба со ланската, оваа година септемвриската сметка за струја покажува дека имаме заштеда на енергија од 21 процент. И тоа лани имавме 70 студенти во септември, а оваа година 150, речиси двојно повеќе, и сите овие мерки што ги презедовме даваат резултат. Заштеда има со секој потег. Секој мал чекор доведува до одредена заштеда. И кога ќе се склопи тој мозаик од мали чекори, доаѓаме до солидна заштеда. Ние како поголем потрошувач влегуваме во четвртата тарифа и тоа се одразува врз висината на цената на струја. Но, засега успеваме да се снајдеме, но зимата е пред нас - додава Карапец.



Раководството разговара со студентите како да се штеди

Топла вода за студентите мора да има. Преку разговори раководството се обидува да ја зајакне свеста кај студентите дека мора рационално да се искористува и топлинската и електричната енергија во домот. Им се препорачува наместо решоа на струја, да користат мали плински боци за кафе, а низ ходниците има и кафемати, исто така и да не се остава водата да капе низ чешмите по туширање.



- Горда сум на нашите студенти зашто имаат фер однос и разбирање. 90 проценти од нив се такви, а другите во текот на академската година автоматски се приклучуваат кон толпата. Тоа се воспитани лица, зрели граѓани и имаме големо разбирање. Вишиот советник за сместување тука е одговорно лице за заштеда на електрична енергија. Одржуваме состаноци со студентите и постојано им нагласуваме дека треба да штедиме електрична енергија. Сакаме да слушнеме од нив дали нешто им недостига, бараме начин да подобриме некои работи, но тоа да биде поекономично за сите за да можеме да опстоиме - додава директорката.



Цените растат, а надоместокот за сместување останува ист

Иако цените на струјата и на храната вртоглаво растат, цената за сместување не е покачена. Партиципацијата од 3.410 денари ја плаќа државата, а студентот само 3.450 денари. Ова е веројатно и единствениот дом во државата кој сѐ уште работи со вредносни бонови, со кои студентите можат да си купат храна. Доколку не ги искористат, можат со нив да плаќаат и наредниот месец, до 15-ти.
Домот во Битола не е само сместување и храна, туку и дружба и забава. На почетокот на академската година имаа организирано гратис ручек за добредојде на студентите - скара на отворено во студентскиот двор. Организираат и крводарителски и работни акции, забави, посета на театри, спортски активности, а обезбедени се и термини во спортската сала.



На 28 ноември Универзитетскиот сенат првпат ќе одржи седница во домот, а гостите ќе ја вкусат и студентската храна.

- На сенаторите им реков дека не се само учењето и испитите, туку сите треба да се грижиме да создадеме здрави личности. Тие се идните луѓе кои ќе ја водат државата, па можеме со нив да се подружиме и надвор од факултетите, а и да пробаме од нивната храна - рече Карапец.



Фото: Жанета Здравковска
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема