X
 11.12.2018 Наука

Објавено ново истражување за климата: „Ова не е видено илјадници години“

Гренландската ледена плоча содржи количество вода доволно за нивото на сите мориња и океани да го подигне за седум метри, а новото истражување покажува дека се топи со брзина незабележана илјадници години.

Научното списание „Природа“ пред неколку дена објави истражување што покажува дека мразот на Гренланд во последните две децении почна забрзано да се топи. Претходно беше релативно стабилно од почетокот на Индустриската револуција во средината на 19 век. Денес, мразот на Гренланд се топи 50 отсто побрзо отколку во прединдустрискиот период и 33 отсто побрзо отколку во текот на 20 век, велат научниците.

- Бевме во можност да докажеме дека ледената плоча на Гренланд денес се топи со невидена брзина, што значи дека целосно ни е непознато што може да се случи во иднина - вели Сара Дас, научник од океанографскиот институт „Вудс Хол“ и коавтор на истражувањето.

1
Фото: 123rf


За да откријат со која брзина се топи мразот денес во споредба со минатото, научниците користеле дупчалки. Примероците биле собрани од локацијата 1.828 метри над морето, што им овозможило подобар увид во топењето на мразот во текот на минатите векови.

Во пресрет на октомврискиот извештај на Меѓувладината комисија на ОН за климатските промени, која предупреди дека човештвото има само 10 години за да се избегне климатска катастрофа, ова истражување носи лоши вести за планетата, особено за милион луѓе што живеат по должината на брегот.

Топењето на гренландскиот мраз придонесува за зголемување на нивото на морето повеќе од кој било друг фактор.

Поради ова, крајбрежните градови и населби се во опасност. Осум од десетте најголеми града во светот се наоѓаат до море, а речиси 50 проценти од светското население живеат во области подложни на зголемување на нивото на морето. Истражувањето исто така покажува дека топењето на мразот на Гренланд пред сѐ се должи на топлите лета, а дури и најмалото зголемување на температурата може да предизвика експоненцијално зголемување на топењето на мразот.

- Бидејќи атмосферата на Земјата и понатаму се загрева, топењето наскоро ќе биде побрзо отколку порастот на температурите - објаснува Лук Трусел, доцент на Универзитетот „Роуан“ и коавтор на истражувањето.



Трусел вели дека во научната заедница во моментов преовладува мислењето дека постои ограничување на температурата по кое закрепнувањето на мразот на Гренланд и Антарктикот повеќе нема да биде можно. Засега не се знае точно за какво ограничување се работи, но очигледно е дека просечните температури на Земјата растат и мразот се топи сѐ побрзо.

- Кога ледената покривка ќе ја достигне оваа граница, ќе започне неговото неповратно исчезнување, така што последиците од она што сме го направиле и она што го правиме денес ќе се почувствува илјадници години во иднина - вели Трусел.

Сара Дас нагласува дека климатските науки често се фокусираат на ефектите од затоплување во иднина, а новите откритија покажуваат дека климата денес значително се променила.

- Климатските промени, без оглед дали се во Гренланд, веќе пристигнаа, веќе се случуваат и веќе влијаат врз луѓето. Климатските промени не се нешто што нѐ чека во иднина, ова истражување тоа јасно го покажува - заклучува Сара Дас.

Source: Greenland ice may be melting faster than predicted by Reuters

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука