X
 11.12.2022 Наука

Откриени се главните фактори што предвидуваат уште колку години ќе живеат луѓето постари од 70 години

Американските научници идентификувале неколку клучни фактори што предвидуваат уште колку години ќе живеат луѓето постари од 70 години.

Новиот модел, претставен во истражување објавено во „еБиомедисин лансет“, не се потпира толку на специфични дијагнози, колку на фактори како што се способноста да се купат намирници, количината на одредени мали честички холестерол што циркулираат во крвта и дали некој само повремено пушел или никогаш не пушел.

Авторите истакнуваат дека само 8-15 варијабли добро предвиделе преживување од 2, 5 и 10 години и повеќе.

Меѓу нив, четири биле најсилните детерминанти - физичката функција, помладата возраст, бројот на мали липопротеински честички со висока густина и помалку пушење.

- Ова истражување беше дизајнирано да ги одреди проксималните причини за долговечноста - факторите што навестуваат дали некој ќе живее уште две години или уште 10 години - вели д-р Вирџинија Баерс Краус, професорка на катедрата за медицина, патологија и ортопедска хирургија на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Дјук“ и главен автор на истражувањето.

- Кога правилно се применуваат, овие мерки би можеле да помогнат да се утврдат придобивките и оптоварувањата од скрининг-тестовите и третманот за постарите луѓе - рече Краус.

Краус и нејзините колеги го започнаа своето истражување во погодно време, откако биле упатени до 1.500 примероци на крв од лонгитудинална студија од 80-тите години во која учествувале постари луѓе. Примероците биле земени во 1992 година. Било планирано примероците да бидат уништени, но научниците навреме ги пренеле на Универзитетот „Дјук“ за анализа.

Примероците се особено интересни бидејќи се земени во време пред широката употреба на лекови како што се статините кои влијаат врз нивото на холестерол, што можело да ги направи резултатите неверодостојни. Учесниците во истражувањето биле следени неколку години, кога тие пополнувале прашалници за нивната здравствена историја и навики.

Врз основа на претходни истражувања и примероци, научниците користеле нови софистицирани методи за да идентификуваат јадро од 17 предвидливи променливи кои имаат причински ефект врз очекуваниот животен век.

Научниците биле изненадени од фактот дека туморите и срцевите заболувања не се меѓу главните фактори. Анализата покажала дека водечкиот фактор поврзан со преживувањето на секоја од референтните вредности на истражувањето - 2, 5 и 10 години по вадењето на крвта - е физичката функција која била дефинирана како способност за купување намирници или извршување домашни работи, како чистење на куќата.

За постарите луѓе што живееле две години по земањето крв, водечки фактор бил изобилството нa липопротеини со висока густина (HDL), и тоа не само нивоата на липидите на HDL, туку и големите количини на мали HDL честички. HDL се нарекува и добар холестерол, бидејќи го апсорбира лошиот холестерол и го транспортира назад во црниот дроб, кој го исфрла од телото. Високото ниво на HDL може да го намали ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар.

5 години по првичното земање крв, помладата возраст и когнитивната функција биле важни предиктори за долговечноста.

Помеѓу оние што живееле најдолго, 10 години или повеќе, најдобриот предвидувач била историјата на пушењето на една личност. Очекувано, непушачите поминале најдобро.

- Овие мерки го разјаснуваат и го збогатуваат нашето разбирање за механизмите што се во основата на долговечноста и може да укажат на соодветни тестови и потенцијални интервенции - вели Краус.

Таа истакна дека следната фаза од истражувањето е користење дополнителни аналитички алатки за подобрување на предвидувањата и идентификување на потенцијалните цели за терапии.

Извор: Neurosciencenews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука