X
 12.01.2020 Живот

Маските на тетовци за Бадник, какви се очекувањата на Атанас Георгиев за „Оскарите“ и „Медена земја“... Што пишувавме неделава?

Што ни е потребно за среќа, од каде потекнуваат обичаите за Божиќ, тетовци и овој Бадник масовно излегоа маскирани по улиците и кафулињата, Институтот за географија нема подмладок, а Атанас Георгиев ни раскажа какви се неговите очекувања за „Оскарите“ и „Медена земја“...Ова се само дел од темите што ги истражувавме минатата недела.

Во текстот со наслов Зошто Бадник и Божиќ се слават на почетокот на Новата година ги опишавме обичаите за овој значаен празник.
Фолклористот Марко Китевски во книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ опишал како се слават овие празници. На овој ден христијаните го слават раѓањето на Исус Христос. Според текстовите во евангелијата, римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата и секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Во тоа време Палестина била дел од Римската Империја, па Марија и Јосиф тргнале во Назарет да се запишат во Витлеем, бидејќи припаѓале на родот Давидов.



„Кога пристигнале во Витлеем, за нив немало место во гостилниците и куќите зашто многу народ дошол за пописот. За да им помогнат, некои добри луѓе ги упатиле во една пештера во близина на градот, каде што пастирите при невреме ги засолнувале овците и козите. Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата и околните ридови и Марија Богородица го родила својот Син првенец во јаслите на пештерата“, пишува Китевски во својата книга.

Што ни е потребно за среќа? Психологот Фросина Денкова-Зафировска ни одговори на прашањето што ни е потребно за среќа. Таа ни предложи неколку чекори кои ќе ја мрднат стрелката на среќомерот надесно.
- Многупати сме слушнале дека среќата е многу субјективна и во суштина она што една личност може да ја направи среќна може да го нема ни приближно истиот ефект кај друга личност. Од друга страна, науката дојде до интересни сознанија откривајќи дека дали ќе бидеме среќни или несреќни во животот зависи дури 50% од наследните фактори. Многу луѓе се обесхрабруваат кога ќе го слушнат овој факт, претпоставувајќи дека она што е наследно е и тешко менливо, но, сепак, личносните особини, иако се дефинираат како релативно трајни карактеристики со упорност, работа на себе и желба за промена, и тоа како можат да се променат - ни раскажа доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска, лиценциран психолог и семеен советник.


Фросина Денкова-Зафировска

Вештерки и принцези, пирати и волшебници, но и пилотите од Арачиново, како и куферчето „луј витон“ на Боки 13 се најдоа на менито на годинашниот тетовски маскенбал познат како „Б’дња баба“.
Тетовци и овој Бадник масовно излегоа маскирани по улиците и кафулињата и ја покажаа својата креативност и посветеност на една од најуникатните традиции на градот, која има потенцијал да стане туристичка атракција.



Сите фотографии од годинашниот маскенбал може да се најдат на фејсбук-групата „Бадник во Тетово - Карневал Б’дња баба“, а се избира и победничка маска.
Дарко Гавровски, дежурен хроничар на градот, ја направил оваа фејсбук-група за да може на едно место да се погледне што смислиле тетовци, но таа е и фотоисторија на тетовскиот карневал во последните осум години.
- За овогодишнитe маски ќе се гласа до недела. Лајковите одлучуваат кој ќе биде победникот. На крајот правиме албум со десетте најдобри маски според нашата публика - вели Гавровски.


Направивме интервју со професорката Билјана Апостоловска-Тошевска за предизвиците и достигнувањата на Македонското географско друштво (МГД), кое одбележа 70 години од основањето. Немањето подмладок на кадарот на Институтот за географија и недостигот на учебници за географија за основно образование се главните проблеми со кои се соочува оваа наука во Македонија денес - ни раскажа Апостоловска-Тошевска, која е професорка на Институтот за географија.


Д-р Билјана Апостоловска-Тошевска, претседателка на МГД

- Друштвата како нашето имаат значајна улога во општеството и државата треба да настојува да го одржува и стимулира нивното работење. Постојат обиди, но се чини дека е потребна уште поголема поддршка и внимание. Друштвата од овој вид промовираат вистински вредности: едукација, знаење, наука – вели таа.

Македонија дише во еден здив со екипата на документарецот „Медена земја“, која заедно со цела нација в понеделник во 14:18 часот ќе навива за да добие номинација барем за една од двете категории – за најдобар странски филм и за најдобар документарец. Првпат во историјата на нашата кинематографија еден филм стигна во потесна селекција во две категории. Филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски е најуспешен по прашањето на оваа светска награда – тој беше меѓу петте номинирани за странски филм во 1994 година.



Какво е чувството на неколку дена пред да се соопштат номинациите за „Оскарите“, го прашавме продуцентот Атанас Георгиев. Тој вели дека ни оддалеку не им паѓало на памет дека „Медена земја“ ќе стигне дотаму да има толку награди, публика...

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот