X
 12.01.2022 Култура

Трајче Кацаров со „Цветко“ ја доби наградата „Григор Прличев“

Трајче Кацаров, автор на поемата „Цветко“, ја доби наградата за најдобра поема во ракопис за 2021 година која ја доделува НУЦК „Григор Прличев“ Охрид.

Тој е поет, раскажувач, есеист и драмски автор и вработен како драматург во НУЦК „Ацо Шопов“ – Народен театар Штип. Тој е наставен доцент на Интернационалниот универзитет за аудио-визуелни уметности „Еуропа Прима“. Во 1993 година го основа Списанието за уметност - СУМ и е негов главен и одговорен уредник. Во 1996 година со група истомисленици го основа списанието - Месечникот за театар „Тренд театар“ и станува негов уредник. Во 1997 година со група автори го основа весникот на ДПМ „Стожер“. Од 2017 година е главен и одговорен уредник на „Стожер“. Како издавач има објавено триесетина книги од науката, есеистиката, уметноста и публицистиката, меѓу кои се: „Маларме“ од Ги Мишо, „Вера и скпеска“ од Јиржи Менцел, „Системот на Антонен Арто“ од Вадим Максимов, „Актерската игра“ од Михаил Чехов.

Наградената поема „Цветко“ ја третира вечната тема за човековата ранливост и минливост, (не)исполентоста на очекувањата во дослух со самиот себе, но и со традицијата, менталитетот, обичаите карактеристични за поднебјето во кое живееме.

Поемата „Цветко“, пишувана во модернистички манир, претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвора суштински егзистенцијалистички прашања кои го следат животот на главниот лик – Цветко, стои во образложението од НУЦК „Григор Прличев“.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ што се одржува на почетокот од февруари.

Издвојуваме

Култура