X
 12.02.2023 Живот

Инспиративната приказна на д-р Едит Егер, која успеала да го преживее холокаустот

Никој нема да остане недопрен од приказната на д-р Едит Егер, која успеала да го преживее холокаустот.

Во нејзината книга „Изборот“, таа ги учи читателите за љубовта, надежта и простувањето и ги споделува извонредните приказни на луѓето чии животи ги допрела во текот на нејзиниот инспиративен живот.

Нејзината приказна

Едит Егер е родена на 29 септември 1927 година во Кошице, Словачка, каде што живеела со нејзините родители Евреи и двете сестри Магда и Клара. Таа пораснала во Унгарија.

Нејзиниот татко бил кројач, а мајка ѝ државен службеник. Во март 1944 година унгарските нацисти се појавиле во нејзината куќа и го уапсиле нејзиното семејство. Пред тоа Егер тренирала гимнастика за унгарскиот олимписки тим, но не ѝ било дозволено да учествува поради нејзината религија.

Во мај 1944 година Едит, нејзината сестра Магда и нејзините родители биле натоварени во запрежни коли и испратени во „Аушвиц“, каде што Едит првпат се сретнала со д-р Менгеле. Во ноември 1944 година Едит и Магда биле испратени на ропска работа.

Нејзините родители починале во „Аушвиц“. Во мај 1945 година Едит и нејзината сестра Магда биле ослободени од Гунскирхен и биле повторно обединети со нивната сестра Клара во Прага.

Набргу по војната, Егер се омажила со Бела, унгарски Евреин кој бил партизански, антинацистички борец. Младото семејство се преселило со својата ќерка во САД за да избега од комунистичката власт во Унгарија.

Во доцните 60-ти години таа дипломира со почести на Универзитетот во Тексас и стана клинички психолог. Д-р Егер работела на Универзитетот во Калифорнија-Сан Диего, а исто така служела како консултант за Армијата на САД и американската морнарица за обука за отпорност и третман на посттрауматски синдром (ПТСН).

На 90-годишна возраст д-р Егер одлучила да ја напише својата прва книга „Изборот“, која е наградуван меѓународен бестселер.

Во „Изборот“ Егер го споделува своето искуство од холокаустот и извонредните приказни на оние на кои оттогаш им помогнала.

Денес, таа е меѓународно признат психолог чии пациенти вклучуваат преживеани од злоупотреба и војници кои страдаат од ПТСН. Таа објаснува колку од нас живеат во ум кој станал затвор и покажува како слободата станува возможна откако ќе се соочиме со нашите страдања.

Како и „Човекот во потрага по значење“ на Виктор Франкл, „Изборот“ го менува животот. Топло, сочувствително и бескрајно мудро, тоа е длабоко испитување на човечкиот дух и нашата способност да лекуваме.



Извор: Bright Vibes
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот