X
 12.03.2019 Образование

Интелектуална игра за тандем стипендии #DerzhaWIN2019!

По големото задоволство од страна на матурантите што учествуваа минатата година, годинава продолжуваме со #DerzhaWIN2019! Наместо класичното тестирање за стипендии, решивме да ја воведеме иновативната интелектуална игра #DerzhaWIN за тандем стипендии, која ќе се одржи во Битола. Така, можете да освоите стипендија заедно со вашиот најдобар пријател и да студирате заедно.

Но, прво да ви кажеме:

Што е интелектуалната игра #DerzhaWIN?

Интелектуалната игра #DerzhaWIN е игра на вештини, знаење, креативност, способност за снаоѓање, менаџирање со времето и интелигенција. Учениците наместо да бидат тестирани од област која досега малку ја имаат истражувано или воопшто ја немаат изучувано, ќе имаат можност преку игра да ги докажат нивните досега стекнати знаења и вештини.

Какви прашања ќе има?

Во интелектуалната игра ќе бидат опфатени разни загатки, креативни задачи, логички прашања, прашања од областа на јазиците, географијата, технологијата и слично.

Преку оваа игра и прашањата што ќе бидат дел од неа кандидатите ќе можат да се запознаат со областите кои ги опфаќаат нашите факултети и како изгледа студентскиот живот на нашиот универзитет. А за награда може да добијат целосна или делумна стипендија!

Секој од кандидатите при пријавувањето ќе може да избере еден од петте факултети при МСУ за кој аплицира. Доколку, на пример, изберете информатика, прашањата и задачите во интелектуалната игра ќе бидат повеќе од областа на информатиката.

стипендија

Тек и правила на играта

Матурантите се пријавуваат со пополнување на електронската апликација дадена на оваа страница.

За сите пријавени кандидати, на денот на одржување на играта ќе биде организиран бесплатен превоз до нашиот универзитет и назад. Сите кандидати се сместуваат во амфитеатарот на универзитетот, каде што нашиот тим ќе ги објасни правилата на играта и ќе даде насоки за подобро играње.

Ќе се натпреваруваат по двајца кандидати заедно (тандем-тим). Сите тандем-тимови се натпреваруваат едни против други. Секој од пријавените групи ќе извлече име (шифра), а со шифрата ќе следува и претходно подготвена маршрута со 15 точки (7+8) и индекс за оценки. Сите групи ќе мора да се движат само по зададената маршрута низ просториите на универзитетот и да ги решаваат задачите и проблемите што „ќе им излезат на патот“.

Ниту еден тандем-тим нема да има иста маршрута и ниту еден тандем-тим нема да има сосема исти прашања и задачи.

По решавање на секоја задача или проблем професорите ќе им даваат оценки на тандем-тимовите според точноста на одговорот и начинот на справување со задачата. Секој од тандем-тимовите според добиената маршрута треба да помине вкупно 15 точки низ универзитетот, а тоа значи дека треба да собере вкупно 15 оценки во индексот.

Рангирањето на тандем-тимовите ќе биде според просекот што ќе го соберат. Оценките ќе бидат од 5 до 10, а тандем-тимот со најдобар просек ќе биде пласиран највисоко.
Ова се оценките што може да бидат дадени според извршените задачи:

•    оценка 5 – не може да одговори на прашањето/задачата;
•    оценка 6 – дава одговор соодветен на клучот со многу малку аргументи и е надвор од временските рамки предвидени за прашањето;
•    оценка 7 – дава нецелосен одговор соодветен на клучот;
•    оценка 8 – навремено дава одговор соодветен на клучот, но има недостиг од клучни факти;
•    оценка 9 – навремено дава одговор соодветен на клучот, со мали недостатоци;
•    оценка 10 – навремено дава одговор соодветен на клучот.

Дали е потребна претходна подготовка за играта?

Не, претходна подготовка за интелектуалната игра DerzhaWIN не ви е потребна.

Комисија

Комисијата за оценување на задачите ќе биде составена од нашите најдобри професори и асистенти. Тие ќе ве водат низ играта, ќе ви даваат задачи, а ќе се обидат и да ве научат на некои клучни работи поврзани со областа во која предаваат.

Кога ќе се одржи играта?

Интелектуалната игра ќе се одржи на 13 април во 12:00 часот, на Меѓународен славјански универзитет „Г. Р. Державин“ во Битола, на ул. „Новачки пат“ бр. 16.

Награди

Наградите се стипендии на Меѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин“ со можност за продолжување во наредните години.

-    1. место. По 1000 евра стипендија за двајцата учесници
-    2. место. По 750 евра стипендија за двајцата учесници
-    3. место. По 500 евра стипендија за двајцата учесници

Специјални награди:

-    по 100 евра стипендија за учесниците што ќе бидат најбрзиот тандем-тим
-    по 100 евра стипендија за учесниците што ќе имаат најмногу 10-ки

За кои факултети се стипендиите?

Стипендиите можат да се искористат за факултетот на МСУ што самите учесници ќе го изберат. Двајцата учесници што се натпреваруваат како тандем-тим треба да изберат ист факултет.

Тандем стипендии

Тандем стипендиите претставуваат стипендии кои им се доделуваат на двајца апликанти што заедно се пријавиле да земат учество во интелектуалната игра. Ние, од Славјански, сметаме дека студирањето е многу важен дел од животот на секој човек. Иако градењето успешна кариера е причина број еден зошто матурантите се запишуваат на факултет, ние мислиме дека е еднакво важно студентот да има квалитетен социјален живот.

Зошто тандем?

Одењето на факултет заедно со најдобриот другар или ваш истомисленик може да ги направи часовите многу попријатни. Пријателствата што се стекнуваат за време на студиите често остануваат за цел живот, а и секогаш ќе имате колега во кого имате доверба.

Кој може да се пријави?

Право на аплицирање имаат сите ученици што во моментот се во завршна година во средно училиште – матуранти 2018/2019.

Aплицирање

Аплицирањето е бесплатно и се врши со пополнување на електронска апликација која може да се најде на дното од оваа страница (апликацијата ќе биде достапна до 10 април 2019). Како доказ за нивниот ученички статус, сите пријавени кандидати потребно е да прикачат фотографија од свидетелство од трета година средно образование.

TУКА можете да аплицирате.
 
Резултати

Резултатите од интелектуалната игра ќе бидат познати веднаш по завршувањето. Сите оценки што ќе бидат впишани во „индексите“ ќе бидат проверени од страна на комисијата, која потоа јавно ќе ги објави победниците, како и резултатите на останатите тандем-тимови.
Победник ќе биде тандем-тимот со највисок просек.

Доколку се случи натпреварувачите од првото, второто или третото место да имаат еднаков број поени, се продолжува со кратки игри на елиминација додека не се добие победник.

Услови за искористување на стипендијата

Услов за да се искористи стипендијата е учениците да положат матура. За продолжување на стипендијата во наредните години на студирање лицето треба да одржи просек над 8,5 секоја година.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование