X
 12.04.2020 Наука

Научниците предвидуваат дека океанскиот екосистем ќе колабира оваа деценија

Глобалниот екосистем е во многу поголема опасност отколку што претходно мислеа научниците, покажува нова студија.

Истражувањето предвидува дека без итно дејствување за одвраќање на глобалните климатски промени, сите океански екосистеми би можеле да колабираат во текот на оваа деценија. Ова е предупредување бидејќи различни организми се соочуваат со температури повисоки од сите претходни, па може да има ненадејни и масовни исчезнувања.

Студијата беше објавена неодамна во престижното списание „Нејчр“ и во неа се испитувани температурите кои 30.000 копнени и морски организми можат да ги издржат и тие дијапазони ги поставува наспроти очекуваните зголемувања на температурата до 2100 година.

Бидејќи видовите ќе бидат погодувани од нивниот температурен праг, тие може да исчезнуваат и се очекува тоа да им се случи истовремено со нешто што истражувачите го нарекуваат настан на брзо изложување.

- Ова не е лизгав терен, туку серија на рабови на карпи кои погаѓаат различни места во различно време - истакна истражувачот Алекс Пигот.

Ако светските лидери не дејствуваат за запирање на ефектите на климатските промени, студијата предвидува слично изумирање во текот на четвртата деценија од овој век, кое ќе предизвика девастација на клучните видови во Индонезија, Амазон, Индија, Северна Австралија и Супсахарска Африка и дождовната шума во Конго.

- Светот моментално е фокусиран на справување со глобалната здравствена вонредна состојба. Сепак, ова ново истражување повторува дека откако ќе помине ова екстремно тешко време, ќе ни треба обновена амбициозна акција за справување со климатската и природната криза - истакнува Марк Рајт, научен директор на британскиот разгранок на Светскиот фонд за природа (WWF).

Според авторите на студијата, повеќето видови привремено можат да се справат со сѐ повисоките температури. Но, кога ќе се надмине некој температурен праг, одеднаш голем број видови ќе се соочат со услови кои претходно не ги искусиле и екосистемот може брзо да колабира.

Ако глобалните температури се зголемат за 4 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа до 2100 година, што и ќе се случи ако емисиите на стакленички гасови продолжат да растат, тогаш најмалку 15 отсто од екосистемите ќе се соочат со брзо изложување, што значи дека повеќе од една петтина од нивните составни видови ќе го поминат прагот во истата деценија и ќе биде предизвикана непоправлива штета.

Но, со загревање помало од 2 Целзиусови степени, границата поставена со Парискиот договор, само 2 отсто од екосистемите ќе бидат подложни на таква брза промена и многу видови што се под ризик од сѐ повисоките температури ќе се спасат.

Тоа значи дека итната акција може да спаси илјадници видови и да им даде повеќе време на видовите и екосистемите да се адаптираат.

Извори: Futurism, Guardian
Насловна фотографија: Futurism
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука