X
 12.07.2018 Технологија

„Фејсбук“ ќе мора да плати казна поради кршење на приватноста на корисникот

„Кембриџ аналитика“, кршење на приватноста на корисниците на „Фејсбук“, сведочењето на Марк Закерберг и на други вработени во „Фејсбук“ долго време ги полнеа насловните страници на медиумите, а дел од корисниците, вклучувајќи и познати личности, најавија дека ќе ја напуштат оваа социјална мрежа. Но кога прашината стивна, „Фејсбук“ од скандалот излезе речиси недопрен и не доживеа никакви конкретни последици поради своите грешки - досега!

Имено, британското регулаторно тело ICO (Information Commissioner’s Office) оваа недела донесе одлука дека „Фејсбук“ сепак го прекршил законот и не ги заштитил личните податоци на корисниците, со што доби казна од 500.000 фунти. За Закерберг и тимот ова е ситна сума што компанијата ќе ја исплати за време на паузата за кафе, со оглед на тоа што секоја минута оваа компанија остварува профит од околу 28.000 фунти.

kembridz
Фото: Getty Images


Истрагата против „Фејсбук“ сѐ уште не е завршена и 40 истражувачи моментално ги пребаруваат серверите и другите уреди што можат да помогнат во откривањето нови докази. Ќе бараат докази за други апликации што би можеле да имаат сличен пристап до приватните податоци на корисниците, како и потенцијална поврзаност на „Фејсбук“ со Русија.

Дамиан Колинс, кој претседава со Одборот за дигиталност, култура, медиуми и спорт, изјави дека оваа казна и продолжувањето на истрагата се порака дека Британците нема да ја остават оваа компанија тукутака да се извлече, со оглед на тоа што не успеала да заштити 87 милиони корисници на својата мрежа и не презела ништо за да ги извести за овие проблеми.

Ситуацијата за „Фејсбук“ би била сосема различна доколку скандалот би се случел по влегувањето во сила на ГДПР. Имено, максималната казна за кршење на приватноста на корисниците на ЕУ е 4 отсто од глобалните приходи на компанијата, што за „Фејсбук“ би изнесувала 1,6 милијарда долари.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија