X
 12.07.2019 Технологија

Домаќинствата ќе може да ја предвидуваат потрошувачката на струја

Паметен компјутерски систем за предвидување на потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата се развива во рамките на проектот “BIG DATA ANALYTICS AND FORECAST – BIG DAF”. Овој проект, кој се реализира девет месеци, е првиот студентски научен проект во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Проектот започна во септември 2018 година во соработка на Факултетот и компанијата ИТС ИСКРАТЕЛ. Проектот го води доц. д-р Христијан Ѓорески од Институтот за компјутерски технологии и инженерство (КТИ) на ФЕИТ, а на проектот работеа неодамна дипломираните студенти Ивана Кипријановска и Симон Станкоски.

„Успеавме да направиме статистички модел кој успешно ја предвидува потрошувачката на електрична енергија на домаќинствата еден ден претходно, со точност многу подобра од сегашните референтни модели. Резултатите од овој проект се веќе искористени како дипломски трудови на Ивана и Симон”, вели доц. д-р Христијан Ѓорески.

Тој вели дека соработката со ИТС ИСКРАТЕЛ била на одлично ниво. „И на тој начин добивме одлични резултати, кои се надевам дека имаат конкретна имплементација во постојниот систем“, додава доцент Ѓорески.

Предвидувањето на потрошувачката на електричната енергија претставува проблем од растечки интерес – особено со либерализацијата на пазарот за електрична енергија во нашата земја. Затоа, детални системи за следење на енергетската потрошувачка се од големо значење за дистрибутерите на електрична енергија. Целта на овој проект е да се развијат статистички модели за автоматско предвидување на потрошувачката на електрична енергија со користење на алгоритми од областа на вештачката интелигенција и машинското учење. Овие модели може да се користат како алатка за подобро тргување со електричната енергија на пазарот и за оптимизација на оптоварувањето на електричната мрежа. Покрај истражувачкиот дел беше направена и апликативна, софтверска имплементација на системот.

Според студентот Симон Станковски, ИНОФЕИТ нуди одлична можност студентите, во завршна година од своите студии, да се стекнат со практично знаење и искуство во работа на истражувачки и апликативни проекти.

„Во овие 9 месеци се соочивме со различни предизвици што успеавме да ги совладаме во соработка со професорот и колегите од ИТС ИСКРАТЕЛ. Истовремено, се стекнавме со големо знаење преку решавање на конкретните задачи кои беа зададени во рамките на проектот. Сигурен сум дека ова искуство во иднина ќе ми помогне подобро да се справам со предизвиците што ми претстојат”, вели Станковски.



Идејата за проектот првично беше дефинирана од страна на ИТС ИСКРАТЕЛ, за потоа да биде разработена како истражувачки проект во соработка со академскиот кадар на ФЕИТ.

„Соработката меѓу универзитетите и индустријата е многу важна. Таа придонесува за фокусирани академски истражувања кои се и комерцијално релевантни за локалниот и светскиот пазар. Воедно овозможува и индустријата да го даде својот придонес кон едукација на новите кадри што значи и нивна поголема конкурентност на пазарот на труд. Соработката меѓу ИНОФЕИТ и ИТС софтвер центар покажа дека и во Македонија индустријата и универзитетите може успешно да соработуваат. За релативно краток временски период, помалку од една година, успеавме да постигнеме солидни научни резултати во поглед на машинското учење и предвидување во областа од енергетиката“, вели Игор Илиевски, м-р Игор Илиевски, и индустриската титула ЦТО и раководител на индустриска вертикала во ИТС.

Дел од добиените резултати ќе бидат презентирани со труд на научната конференција Ict Inovations 2019 во Охрид, а воедно поднесен е и труд во реномираното научно списание Journal of Modern Power System and Clean Energy со импакт-фактор 2.9. Исто така, изработена е и апликација како потврда за концепт, која демонстрира работа над реални податоци за потрошена електрична енергија од домаќинства, нивна анализа и генерира предвидувања за идната потрошувачка со голема прецизност.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија