X
 12.07.2020 Образование

24-годишен ѓубреџија се запиша на „Харвард“

Запознајте го 24-годишниот Рехан Статон, поранешен ѓубреџија кој неодамна беше примен на Универзитетот „Харвард“. Она што ја прави оваа приказна неверојатна е фактот дека и покрај тоа што се соочил со многу проблеми во текот на животот, никогаш не дозволил ништо да му застане на патот до целта.

Рехан Статон се будел во 4 часот наутро за неговата работа како ѓубреџија - работа што ја прифатил со надеж дека ќе може да го издржува семејството, кое се борело со сиромаштија.

Кога Рехан имал осум години, неговата мајка го напуштила семејството, оставајќи ги Рехан, неговиот брат и неговиот татко сами. Некогаш стабилното семејство заврши со финансиски проблеми, што го натера таткото на Рехан да работи три работи со надеж дека правилно ќе ги воспита двата сина и ќе им обезбеди успех во иднина.

Ситуацијата постепено се влошувала бидејќи имало денови кога немале што да јадат, кога електричната енергија им била исклучена затоа што не ја платиле сметката. И покрај ова, многу од нивните роднини не им подале рака за поддршка.

Образованието на Рехан страдало поради ситуацијата, па еден наставник му предложил да биде префрлен во одделение за специјално образование. Рехан добил тутор кој му помагал околу учењето и успеал да ја заврши годината со почести. Подоцна Рехан одлучил да стане боксер, надевајќи се дека еден ден ќе биде професионалец.

rehan
Фото: Twitter

Но, во IV година средно образование Рехан претрпел повреда на рамото, со што биле уништени сите негови шанси да стане професионалец по завршувањето на средното образование. По матурата тој аплицирал на повеќе колеџи, но бил одбиен. Затоа се одлучил да стане ѓубреџија. И токму со таа работа животот целосно му се променил.

Повеќето колеги на Рехан биле поранешни затвореници - оваа работа обично ја работат оние што немаат друг избор во животот, па голем дел од нив биле изненадени кога виделе дека еден бистар млад човек работи како ѓубреџија. Затоа, неговите колеги почнаа да го охрабруваат да го продолжи образованието или да прави нешто што би му овозможило да го покаже неговиот потенцијал.

Тие дури и се обратиле до синот на сопственикот на компанијата, Брент Бејтс, кој потоа го запозна Рехан со професор кој предавал на државниот универзитет „Боуви“. Професорот бил толку импресиониран од Рехан, што се обратил до советот за прием на универзитетот и Рехан набрзо бил примен.

Рехан објаснува дека сите луѓе што требало да му помогнат секогаш го понижувале, па тој се чувствувал лошо. Но, кога се спуштил на дното на социјалната хиерархија, каде што се наоѓале поранешни затвореници, тогаш бил воздигнат.

Со огромна поддршка од неговиот брат, татко и пријатели, тој успешно завршил две години студии на државниот универзитет „Боуви“, по што се префрлил на Универзитетот во Мериленд каде што во 2018 година дипломирал. Подоцна успеал да најде работа во полето на политичко советување во „Роберт Боб груп“ и продолжил да учи за приемниот испит на Правниот факултет.

Рехан повторно испратил голем број апликации до девет колеџи и универзитети, од кои три биле „Ајви лига“, пет биле од најдобрите 20 во земјата, меѓу кои и „Харвард“.

Рехан бил прифатен од „Харвард“, докажувајќи им на младите луѓе дека напорната и вредна работа навистина се исплаќа.

Подолу е видео од реакциите на Рехан кога дознава за одлуките на сите колеџи и универзитети за тоа дали е прифатен или не. Видеото со реакциите стана вирално, па беше отворена и кампања на „Гофандме“ за собирање финансиска поддршка за неговите студии на Правниот факултет при Универзитетот „Харвард“.



Извор: Bored Panda
Фото: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование