X
 12.07.2021 Живот

Горан Стојановски, технички директор за Scalefocus во Македонија: Во сржта на Scalefocus е секој да го развие својот ИТ или менаџерски потенцијал

Иако студентите постојано ме мотивираа да работам на себе и да се подобрувам, решив да ја напуштам академијата и да се вклучам во приватниот сектор. Заедно со мојот деловен партнер формиравме компанија за вештачка интелигенција за подобрување на процесите во енергетиката, една од првите вакви компании во регионот, раскажува Горан Стојановски

Јавноста најпрво Ве запозна како „најинспиративниот“ професор од домашните факултети и како основач на првата домашна компанија за вештачка интелигенција. Вашата нова улога е Site Lead во ScaleFocus. Може ли да кажете нешто повеќе за компанијата?


Почетокот на мојата кариера беше академски. Неколку години работев како доцент и вонреден професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Во овој период добив многу признанија од студентите и, се разбира, потврдата за пренесеното знаење е најголема валидација за кој било професор. Иако студентите постојано ме мотивираа да работам на себе и да се подобрувам, решив да ја напуштам академијата и да се вклучам во приватниот сектор. Заедно со мојот деловен партнер формиравме компанија за вештачка интелигенција за подобрување на процесите во енергетиката, една од првите вакви компании во регионот. По три години раст и стабилизација на Елевејт Глобал, се одлучив да преземам уште поголем предизвик на функцијата технички директор на канцеларијата на Scalefocus во Скопје.

За разлика од мојата стартап-приказна, Scalefocus претставува интернационална софтверска компанија со мисија да го унапреди животот на луѓето преку технолошки иновации. Од основање на компанијата во 2012, има повеќе од 500 успешно завршени проекти во 26 земји. Денес, Scalefocus вработува повеќе од 750 ИТ-професионалци во своите 6 центри за развој во Бугарија (Софија, Пловдив, Варна и Бургас) и во Македонија. Во каква компанија исклучително е важно поставувањето ефективна организација и култура на раст. Тука од непроценлива вредност се моите претходни искуства во приватниот сектор, академијата, но и моето активно учество во македонската ИТ-заедница.



Неодамна најавивте дека компанијата планира да вработи 300 ИТ-инженери во своите канцеларии во Македонија. Што е она што ScaleFocus може да му го понуди на овој кадар, кој станува сè поатрактивен за вработување од многу компании?

Она што е карактеристично за Scalefocus е способноста да ги привлече, да ги задржи и да помогне во развојот на најдобрите ИТ-професионалци. Но, за да ги оствариме нашите планови за развој во земјава, не е доволно само да ги ангажираме најдобрите ИТ-професионалци, туку потребно е да ги обезбедиме најдобрите услови за работа. Покрај конкурентните плати и атрактивните канцеларии, Scalefocus има отворена програма за работа од секаде (Work from Everywhere) преку која нашите луѓе имаат флексибилност во изборот на местото од кое сакаат да работат. Дополнително нудиме и флексибилни придобивки според кои секој човек сам си ги избира бенефициите според своите потреби и тоа може да се менува секој месец. Тука спаѓаат приватно здравствено осигурување, претплата на некои од светските сервиси за музика, филмови и забава, придобивки поврзани со патување и слично.

Сепак, најголемата предност на Scalefocus е тоа што на вработените им нуди можност за раст како професионалци и личности. Свесни сме дека постојат различни профили луѓе и имаме поставено процес на целосна евалуација кој се повторува на 6 месеци. Како дел од овој процес, заедно со секој човек разговараме за неговите планови за иднина и што треба да се направи за да ги оствариме во периодот што следува.

Како брзорастечка компанија, постојано имаме потреба од луѓе со менаџерски и лидерски способности и сакаме да ги градиме од нашата база. Затоа и најважните позиции во компанијата CEO и CTO моментално ги држат луѓе кои израснале во Scalefocus. Тоа говори за нашата култура на раст и поддршка на талентот со кој располагаме. Во сржта на нашата компанија е да овозможиме секој да го развие својот потенцијал како ИТ-професионалец или како менаџер.

Колку македонскиот инженер лесно се пробива на меѓународниот пазар на трудот каде што се натпреварува со инженерите од светот?

Одлуката да отвориме развоен центар во Македонија е длабоко промислена. Локалниот ИТ-пазар, иако не е голем по капацитет, е многу квалитетен. Инженерите и програмерите од Македонија се на исто ниво со нивните колеги од западноевропските земји. Во последните години бележиме значително приближување на финансиските услови под кои се работи тука и во Европа, па ако на тоа ги додадеме релативно малите трошоци за живот во регионов, не е за изненадување што сè повеќе компании сакаат да зафатат дел од овој капацитет.

Дополнителен фактор за успешноста на македонската ИТ-приказна е културата на работа која е многу слична на културата во западноевропските земји. Нашите луѓе работат на исто ниво како и нивните колеги од Германија и од САД. Тоа е една од причините зошто овој регион е една од најпопуларните локации за градење ИТ-компании.



На каков вид проекти ќе работат Вашите нови колеги од Македонија?

Scalefocus има глобална база на клиенти составени од компании кои се наоѓаат на листата Fortune 500, иновативни стартапи и индустриски лидери во информатички технологии, e-commerce, осигурување, здравство, финансии и енергија. Во најголем дел од проектите се работи со најсовремена технологија.

Нашите клиенти ни даваат целосна поддршка и може да се пофалиме со фактот дека за дел од нив, го водиме целиот процес за развој на нивните производи, правиме план за развој на технологиите и ги советуваме како да ја подобрат ефикасноста на нивните системи. Од аспект на технологии, располагаме со професионалци во сите важни области - Java, .Net, Big Data, DevOps, Front-end, BI, мобилни технологии - тоа се само дел од технологиите во кои Scalefocus е препознатлив. Дополнително, многу е важно тоа што секогаш сакаме да сме блиску до трендот и затоа постојано имаме групи кои се занимаваат со напредни технологии, како вештачка интелигенција, автоматизација на процеси и слично.

Во време на пандемија опремивте канцеларија од над 900 м2 во центарот на Скопје. Зошто се одлучивте на овој чекор кога во пандемијата, но и потоа, речиси сите преферираат да работат од дома?

Нашиот нов дом во Скопје е создаден да овозможува дополнителен импулс во креативната работа на нашите луѓе. Се разбира, како компанија ја поддржуваме работата од дома, дотолку што имаме и наша програма – работа од секаде. Сепак, за најголема ефективност, потребно е да се има пријатен и комфорен работен простор. Не сите колеги имаат добри услови за работа од дома и иако работата од канцеларија не е задолжителна, сакаме да имаме примамливи услови за нашите луѓе. Така го поддржуваме протокот на информации и размената на идеи, два процеси кои се во основата на културата на Scalefocus.

Каква компаниска култура можат да очекуваат во ScaleFocus?

Секоја компанија има своја култура и тоа е еден од најважните аспекти на компаниите. Во Scalefocus градиме култура на брз раст, постојана едукација и споделување на знаење. Во текот на оваа година навистина се фокусираме на моментот на споделување знаење и сакаме тоа да биде нашиот х-фактор. Во минатите 3 месеци организиравме шест настани на локалните платформи за споделување знаење во Македонија и планираме да продолжиме со истото темпо. На тој начин, не само што го зголемуваме знаењето на нашите луѓе туку и придонесуваме за подобрување на целата ИТ-заедница. Се надевам дека сè поголем број компании и професионалци ќе се придружат на овие платформи и заедно ќе градиме подобра иднина во регионот.

Сепак знаењето не е сè и како компанија се грижиме и за културата на работење, но и за тоа секој да се забавува. Идејата е нашите колеги да уживаат во заедничките настани на сите локации на компанијата, но и во неформалните дружби. Како тим во Скопје организираме настани неколку пати неделно. Имаме ден за игри, за коктели и за пиво - за секого се наоѓа барем нешто во што ужива. На овој начин се зајакнуваат врските во тимот, луѓето стануваат поблиски и поотворени меѓу себе. Отворената комуникација е најголемиот стимулатор на брзиот раст и зголемената ефективност на Scalefocus.

На крај, работата во интернационална компанија не може да помине без меѓународни патувања, запознавање нови луѓе и култури. Тоа е нешто што го очекуваме од нашите луѓе, отворени видици и желба за нови предизвици. Независно дали се работи за патувања организирани од нашите технички екипи или од страна на клиентите, запознавањето нови култури е од суштинска важност за компанијата. Нашата цел е да помогнеме луѓето да се подобри преку технологија и нема како да го направиме тоа без да се запознаваме со луѓе од целиот свет.

Како конкуренцијата го доживува Вашето појавување на македонскиот пазар?


Во региони каде што има квалитет, конкуренцијата секогаш е добредојдена. Ако навистина сакаме да одиме напред, не само како држава, туку и како регион, нема никаква потреба за страв од конкуренцијата. Тоа е процесот кој нè прави сите подобри и поефективни. Се радувам што Scalefocus е прифатен од конкуренцијата на правилниот начин. Нашиот план е, преку институциите, заедно да се бориме за подобри услови за нашата индустрија, за промоција на регионот и за поголема видливост. Веќе станавме членка на релевантните организација во Македонија, како Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и AmCham. Се придруживме во поддршката на студентските и професионалните настани во државава и имаме конкретни идеи за подобрување на ИТ-заедницата преку враќање знаење и искуство. Нашата цел е заедно да го подигнеме квалитет и конкурентноста на македонскиот ИТ-сектор и отворено ја повикуваме целата ИТ-заедница да ни се придружи на тој пат.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот