X
 12.07.2021 Живот

Од 15 јули промена на условите за влегување на патниците во Словенија

Поради зголемениот број увезени случаи на инфекција со коронавирус во изминатата недела, Словенија одлучи да ги промени критериумите за влез во земјата, така што тоа повеќе нема да зависи од епидемиолошката состојба во земјата од каде што доаѓаат патниците, туку од нивниот ковид-статус.

Одлуката со која се укинува листата со земји и нивната епидемиолошка состојба и изедначување на условите за влез за сите патници стапи во сила вчера, а ќе почне да се применува од четврток, 15 јули, објави словенечката влада.

За влез во Словенија ќе важат европските сертификати за дигитална вакцинација или дигитален сертификат на трети земји, а основен критериум за влез е доказ дека лицето прележало ковид-19, било вакцинирано со две дози или негативен ПЦР-тест.

Единствен исклучок од ова правило се однесува на странците кои имаат земјиште или недвижен имот во Словенија и на деца под 15-годишна возраст доколку се во придружба на родител или старател, така што нема карантин за нив.

Министерот за здравство Јанез Поклукар соопшти дека владата повторно ќе се состане со епидемиолозите за да ги координира и евентуално да донесе нови мерки, бидејќи минатата недела се зголеми бројот на нови случаи на дневна основа, што се припишува на поголем број увезени случаи, пред сѐ, меѓу неколку групи словенечки матуранти кои престојувале во одморалишта во Шпанија.

- Ги повикувам сите што доаѓаат од странство и имаат симптоми на ковид-19, да се тестираат, а оние што биле во контакт со нив да останат дома во карантин пет дена, а потоа да се тестираат - изјави министерот за здравство.

Според словенечките медиуми, со заострување на мерките при влегување во земјата владата сака, меѓу другото, да ги охрабри граѓаните, особено младите, што побрзо да се вакцинираат.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот