X
 12.08.2018 Живот

Еве како да се справите со стресот на работното место

Стресот на работното место е модерна епидемија. Повеќе од една третина од американските работници преживуваат хроничен стрес на работа. Ова годишно ги чини американските бизниси до 300 милијарди долари за загубени работни часови и сметки за болница. Секако, ако страдате од стрес на работа, не сте единствени. Но, стресот на работа не е неизбежен.

Еве како да ја идентификувате коренската причина за вашиот стрес и да ги најдете најсоодветните начини за да се справите со него, со цел повторно да станете среќен и продуктивен работник.

Од каде доаѓа стресот на работното место?


Некои фактори одат рака под рака со стресот на работа. Причините за стрес вклучуваат:

  • Премногу работа - некогаш ќе си речете „денот нема доволно часови“.
  • Работата е прелесна, нема предизвици или инспирација - тука доаѓа досадата, која е стресна.
  • Притисок од соработниците или недостиг на социјална поддршка - колегите не помагаат или се грижат само за своите задачи.
  • Малку фалби, а многу критики - ова е кога гласниот менаџер користи постојани критики за „да се обиде да ве мотивира“.
  • Работна култура која бара многу или е натпреварувачка - во оваа категорија често спаѓаат одделите за продажба.
  • Нема доволно контрола врз одлуките поврзани со работата - ова е кога луѓето се обидуваат да ве менаџираат.
  • Високи очекувања од себе или барање совршеност - иако е добро да дадете сè од себе, перфекционизмот може да произведува многу стрес.
  • Мала плата - ако работите напорно, но добивате мала финансиска награда за тоа, може да почнете да се чувствувате обесхрабрено, фрустрирано и стресно.

Негативните ефекти на стресот врз вашиот ум и тело


Хроничниот стрес е лош за здравјето. Има неколку здравствени симптоми кои посочуваат на стрес, како главоболка, вртоглавица, зголемен или намален апетит, замор, болки во грбот, вратот и рамената, замор на очите, гастроинтестинални проблеми или неможност да заспиете.


Фото: Life Hack

Ако хормоните на стрес во вашето тело се активирани подолг период, тие може да доведат до зголемено физичко стареење. Ова се случува затоа што стресот прави вашите клетки да изгледаат и да се однесуваат како постари, а тоа се одразува и врз вашиот физички изглед. Стресот има значително влијание и врз вашиот мозок, негативно влијаејќи врз вашите дневни активности.

Во ова видео можете да видите какви последици може да има стресот врз вашиот мозок и активностите.


 
Како да се справите со стресот на работното место

Не треба да бидете жртва на стресот на работното место. Еве како ќе се справите со него:

1. Оставете си време за планирање

Ако имате премногу работа и постојано заостанувате, прекинете! Наместо да се обидувате и да не успевате да фатите темпо, многу подобро ќе биде да потрошите време размислувајќи за вашите цели и за приоритетните задачи.

Научете како да поставувате јасни цели. На пример, ако првичната цел е едноставно да дојдете до врвот од вашата работа, тогаш потрошете десет минути за да размислите јасно и длабоко како можете да го постигнете тоа. Најверојатно ќе ви текнат задачи кои треба да ги завршите за да ја постигнете вашата цел. Штом еднаш вашата цел и задачи се јасни во вашиот ум, вие сте подготвени за вториот чекор.

2. Усогласете ги вашите задачи со целите

Тоа што си ги знаете целите и задачите не е доволно. Многу луѓе може да ја достигнат оваа фаза, а сепак да заостануваат со работата и да не успеваат да ги постигнат своите цели. Тајната е да разберете која од вашите задачи треба да биде приоритетна, а кои може да се направат кога ќе имате слободно време.

На пример, проверката на вашата електронска пошта на секои 20 минути можеби изгледа како продуктивна задача, но во реалноста тоа е постојано одвлекување на вниманието и убиец на продуктивноста. Наместо тоа, подобро е да поминете 30 минути наутро проверувајќи ги вашите е-пораки и 30 минути попладне за истото. Правејќи го ова, ќе добиете време за задачите што ќе ви помогнат да си ја остварите целта.

3. Отстранете, сменете или прифатете ги стресовите

Како да се справите со одреден работен стрес?

Земете лист хартија и поделете го на три колони. Најгоре напишете отстрани, смени и прифати во секоја колона. Потоа размислете за сите стресови што најмногу допираат до вас. Можеби тоа е вашата плата. Размислете неколку минути, што би сакале, да се отстраните од компанијата, да се обидете да ја промените платата барајќи покачување или да прифатите дека вашата плата е добра. Ќе се изненадите какви мисли ќе ви прелетаат низ глава. Не отфрлајте ги, туку дајте си време да си разјасните како би сакале да продолжите.


Фото: Life Hack

Ако статус кво ви се чини во ред, тогаш напишете „плата“ во колоната прифати. Ако одлучите дека сакате покачување на платата, но сакате да останете во истата компанија, напишете го зборот во колоната промени. И на крај, ако решите дека треба да барате нова шанса во друга организација, тогаш зборот плата слободно сместете го во колоната отстрани.

Ако сте вака одлучни, веднаш ќе се почувствувате послободни и ќе почувствувате како да ја контролирате вашата судбина, а нивото на стрес ќе ви се намали. Сè што треба да направите е да си поставите јасна цел што сакате да постигнете и како да го направите тоа.

Секако, ако имате повеќе стресови, тогаш разработете ги сите.

4. Создајте позитивни врски на работното место

Клучно нешто за подобрување на вашата способност да го менаџирате стресот е да прифаќате помош од другите. Не само што ги олеснува негативните околности така што ви го одвлекува вниманието, туку тоа овозможува и чувство на поддршка и ослободување.

Направете напор да се спријателите со вашите колеги. Дружете се по работното време или поканете некого на кафе или на ручек. Не само што ќе имате некој на кој ќе може да му се доверите, туку и ќе почнете да поврзувате позитивни чувства со работата.

Друг начин за ублажување на стресот е здравата врска со вашите надредени. Тоа ќе доведе до отворање и примање на неопходните ресурси што ви се потребни за да ве поддржат или да ви помогнат.

5. Направете пауза

Секој може да биде совладан кога има стрес на работното место и ова може да се одрази и на други области од вашиот живот. Затоа е важно одвреме-навреме ментално да направите пауза од работата. Дајте си малку време да се релаксирате за да ја повратите својата енергија и да се вратите на работата освежени. Осигурете се дека правите нешто во што уживате, како минување време со вашите деца или со партнерот, или пак дека посетувате место кое отсекогаш сте сакале да го посетите.

Доколку не можете да земете слободно време додека имате стресови, правете паузи во текот на денот. Седете некаде на тивко или истегнете се за да ви проциркулира крвта.

6. Внимавајте на здравјето

Одржувањето и подобрувањето на вашето здравје ќе го држи стресот под контрола. Јадете здрава храна, избегнувајте нездрава храна, вежбајте редовно и спијте доволно. Одморениот мозок може полесно да најде решение и подобро реагира на дневните стресови.

Сите наидуваме на стрес на работното место. Тоа е нормална човечка реакција. Спротивставувањето на стресот е и внатрешна и надворешна работа. Фокусирањето на подобрувањето на вашето здравје ќе создаде позитивен мозок способен да реагира подобро. Создавањето позитивни односи со некои луѓе околу вас ќе ви даде емоционална поддршка. Победете го стресот со правилниот начин на размислување.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот