X
 12.08.2020 Здравје

Ковид-19: Зголемен бројот на заболени од 30 до 39 години во последната недела во Македонија

Во периодот од 3 до 9 август се регистрирани 1.038 оздравени лица

Министерството за здравство информира дека трета недела по ред продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи благо зголемување на бројот на оздравени лица според податоците во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје - ИЈЗ за периодот од 3 до 9 август 2020 година. Во овој период се направени вкупно 9.543 тестирања и се регистрирани 816 позитивни случаи на Ковид-19.

Во овој период, според податоците на ИЈЗ, новозаболени се регистрирани во 26 града, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (31,4%), во Штип (11,3%) и во Гостивар (10,4%). Во 16 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

- Во однос на старосната структура на новозаболените и во овој период најголем процент се лица над 60 години (25,9%), а поголем број заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30 и 39 години (18,4%). Во возрасната група 40-49 години се 17,9% од новозаболените, а во групата 50-59 години - 17,2%. Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години – 1,6% и 10-19 години 4% - информираат од Министерството за здравство.



Од случаите што се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 78 лица или 13,6% од новозаболените, а кај 196 лица или 34,3% е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број епидемиолошки истражени новозаболени во овој период 34,8% имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 8 лица (13 помалку од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.
Во периодот од 3 до 9 август се регистрирани 1.038 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е благо зголемување во споредба со претходниот период.

Регистрирани се и 25 смртни случаи, што е намалување од 13,8%, во споредба со минатата недела, кога исто така беше забележано намалување на бројот на смртни случаи.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје