X
 12.09.2021 Живот

Дали слушањето аудиокниги нуди исти придобивки за мозокот како читањето?

Иако не постојат истражувања што потврдуваат дека гледањето серии без престан е добро за вашиот мозок, читањето е едно хоби за кое се знае дека дава одлични придобивки на вашето когнитивно здравје.

Читањето, решавањето крстозбори и свирењето на музички инструмент се нешта што експертите за здравје на мозокот секогаш им ги препорачуваат на луѓето.

Понекогаш не постои ништо подобро од тоа да седнете на омиленото столче и да ја отворите книгата. Но, ако сакате да завршите повеќе задачи и да читате истовремено, тогаш аудиокнигите се најдоброто решение. Сигурно дека не можете да возите и да читате истовремено, но можете да возите и да слушате аудиокнига.

Бидејќи аудиокнигите стануваат многу популарни, се поставува прашањето дали од нив навистина ги добивате истите придобивки како и од традиционалното читање.

1
Фото: Freepik

На ова прашање одговара неврохирургот д-р Кристен Вилимер.

Што имаат
заедничко читањето книга и слушањето аудиокнига?

Повеќето луѓе знаат дека читањето е добро за здравјето на мозокот, но многу луѓе не знаат зошто.

- Читањето е когнитивно ангажирачка задача која бара когнитивна обработка на повисоко ниво, интегрирајќи пишани информации и разбирање на јазикот - вели д-р Вилемиер. Таа објаснува дека читањето - а потоа и обработката на она што го читате - активира различни делови од мозокот и тука се вклучени фронталните лобуси (вклучени во когнитивната обработка, вниманието, расудувањето, колку течно читате и разбирање на јазикот), темпоралните лобуси (меморијата), париеталните лобуси (обработка на јазикот), окципиталните лобуси (визуелна обработка на зборовите на страницата) и малиот мозок (моторна контрола поврзана со визуелната обработка - односно поместување на зениците низ зборовите).

- Конзистентната практика на читање ја зајакнува вашата способност за комуникација и ќе го подобри вашиот вокабулар, расудување, концентрација и вештини за критичко размислување, додека ја подобрува поврзаноста на мозочната мрежа. Читањето промовира емпатија, социјална перцепција и емоционална интелигенција, кои се когнитивни процеси кои водат кон поголема долговечност - додава д-р Вилумиер. На пример, истражувачите од Факултетот за јавно здравје на Универзитетот „Јеил“ откриле дека читањето книги ги намалува шансите за смртност за 20 отсто кај читателите наспроти оние што не читаат.

Додека истражувањето се фокусирало само на физички книги и не вклучувало аудиокниги, еве што вели д-р Вилумиер за читањето наспроти слушањето аудиокниги, кога станува збор за функцијата на мозокот: во двете ситуации вие обработувате информации поврзани со разбирање на одредена приказна. Без разлика дали читате или слушате, вашиот мозок работи на поврзување на парчињата од сложувалката, му дава смисла на заплетот и се обидува да предвиди што ќе се случи следно. Но, постојат некои разлики во однос на тоа како се обработуваат овие информации.

1
Фото: Freepik

Читање наспроти слушање: како се разликуваат придобивките за мозокот?

- Мозокот различно се активира при обработка на говор, наспроти читање во печатена форма - вели докторката. Таа објаснува дека разбирањето на она што го читате го активира левиот дел од мозок (во области поврзани со обработка на јазикот), додека разбирањето на она што го слушате ги активира и двете страни на мозокот (за да се процесираат говорот и акустиката).

- Со оглед на тоа, семантичката обработка на информациите се случува во истите области на кортексот, без оглед дали тоа е преку читање текст или слушање аудиокнига. Двата формата вклучуваат повеќе мозочни мрежи. Додека влезовите (визуелен наспроти аудио) можат различно да го активираат мозокот, семантичката обработка се случува во кортикални области - додава таа.

Таа, исто така, вели дека слушањето аудиокнига може да доведе до развој на поголема емпатија затоа што ја слушате емоцијата во гласот на нараторот.

- Слушањето емотивен раскажувач за приказни вклучува емоционални кола во мозокот и може да ги зголеми интензитетот и сликата на епизодите, што доведува до подлабока обработка на нарацијата и поголемо уживање во материјалот отколку што се доживува со читање книга - вели таа.

Иако слушањето аудиокнига може повеќе да помогне во развивање емпатија и да ја оживее приказната, таа вели дека читањето е подобро за задржување на информациите. Таа посочува на една студија која покажува дека читањето е подобро отколку слушањето аудиокнига затоа што всушност задржувате нечие внимание и се сеќавате на информацијата.

Заклучок


Како заклучок, без разлика дали ги сакате аудиокнигите или печатените книги, во секој случај правите нешто што е добро за вашиот мозок. Д-р Вилемиер вели дека она што е поважно е колку е сложен заплетот.

- На крајот на краиштата, без разлика дали претпочитате да добивате информации преку слушање аудиокнига или преку читање пишан текст, содржината на информациите е она што бара когнитивна обработка на повисоко ниво во мозокот - вели таа. Тоа и изборот на она во кое уживате: Да го правите она што ве усреќува.

Извор: Wellandgood.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот