X
 12.11.2020 Здравје

Научници создадоа вакцина против грип од тутун

Грипот ги погодува нациите низ светот со векови. На северната хемисфера во тек е таканаречената сезона на грип, а како што паѓаат температурите, поголеми се шансите луѓето да заболат од грип. Постојат вакцини против грип, но досега немало вакцина за грип направена од тутун. Научници сега создадоа ваква вакцина која има одлични резултати во клиничките тестирања.

На новата вакцина работела канадската биотехнолошка компанија „Медикаго“. Вакцината содржи честички слични на вирусот на грип кои биле добиени од растенија што се роднини на австралискиот тутун. Овие честички биле генетички модифицирани за да се создадат вирусни протеини.

Две клинички тестирања на вакцината спроведени на околу 23.000 возрасни покажале дека вакцината е безбедна за користење и исто ефективна како вакцините за грип што моментално се на пазарот. Ова е одлична вест бидејќи вирусот на грип мутира секоја сезона, а вакцините помагаат во заштитата на луѓето од него.


Фото: Pixabay

Моменталните вакцини против грип се прават од вирусни честички одгледани во пилешки јајца или клетки создадени во лабораторија. Со овој метод на научниците им се потребни месеци за да ги добијат видовите грип со кои треба да се борат секоја сезона. Користењето растенија би можело да помогне во создавањето сезонски вакцини против грип.

Џон Трегонинг, истражувач за заразни болести од Кралскиот колеџ во Лондон, вели дека ова е прво клиничко тестирање на вакцина базирана на растение досега. Вакцината сè уште треба да биде одобрена од регулативните органи.

Автор: Фабиен Ланг
Извор: interestingengineering.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје