X
 12.12.2019 Економија

ССК: Компаниите можат да исплаќаат и помал К-15 ако имаат финансиски тешкотии во работењето

Компаниите можат да исплатат и помала сума за регрес за годишен одмор или т.н. К-15 од договорената со колективен договор доколку настанале тешкотии во нивното работење, потсетуваат од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Од Сојузот потенцираат дека компаниите како работодавци треба да знаат дека со Спогодбата за изменување и дополнување на Општиот колективен договор од 2015 година во членот 35 се додава дека работодавците кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавецот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, со спогодба потпишана од работодавецот и репрезентативната синдикална организација, може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со колективен договор.

- Кај работодавците во кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците. Компаниите што не генерираат доволно профит не смее да се ставаат во ситуација да подигнуваат кредити или да бараат заеми за да исплатат регрес, со што дополнително ќе си ја отежнат ликвидноста. Треба да се овозможи компаниите што имаат тешка година да опстојат, а не дополнително да се оптоваруваат по секоја цена. Компаниите треба да знаат дека ја имаат оваа опција. Работодавците го поддржуваат наградувањето на работниците бидејќи тоа е начин на подобрување на продуктивноста, но тоа не смее да биде на штета на финансиската стабилност на фирмата и причина за нејзина неодржливост - велат од ССК.

Со Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството во член 35 – се предвидува исплата на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата за пресметка на плата која важи на денот на донесување одлука за исплата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец.

- Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавец може да се утврди регрес за годишен одмор и во поголем износ, а се исплатува еднаш во текот на годината. Тоа значи дека компаниите имаат обврска да исплатат само за оние вработени што работеле кај нив повеќе од шест месеци во календарската година - се вели во денешното соопштение од ССК.

Реакцијата на Сојузот, појаснуваат оттаму, е резултат на тоа што деновиве се појавиле невистинити информации во врска со ова прашање.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија