X
 13.01.2023 Живот

Дефиле под маски - вековна традиција во Вевчани

Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ќе ги прикажуваат случувањата во јавниот и политичкиот живот, како во земјава така и во странство, денеска напладне ќе се одржи официјалниот дел од Вевчанскиот карневал.

Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, организиран од двете василичарски друштва Горна и Долна маала на чело со зетот, невестата, двата ѓаволи и глупавите Августи. Веднаш по нив следуваат другите маски, секоја со своја приказна ќе им го привлече вниманието на присутните.

Дефилето почнува околу 14 часот од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде што маскираните го вртат Василичарското оро. Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје и да се променат негативните работи во општеството. Се верува дека преку маските василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според јулијанскиот календар. И како што е добро познато, вевчанци, кои важат за љубезен и гостопримлив народ, верни на традицијата, до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

По Василичарското оро, зетот и невестата од двете маала ги посетуваат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година, а од домаќините се дарувани со луканци, леб, пари и други дарови. Ноќта пак, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските Извори од каде што полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката, се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.

Следниот ден, на 14 јануари, на верскиот празник Свети Василиј, одат на имендени или по вевчански визити во семејствата каде што го има името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повтори.
Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст тајм и Перо Бели.

Манифестацијата почна синоќа со забава на рок и поп-бендовите: ГИГ ОФФ (Сашко Гигов – Гиш и пријателите), Венко Серафимовски и Прпл Цепелин, реге-бендот – БРУКА, ДНК, Ласт експедишн, Фиц и Студени нозе.

Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот