X
 13.02.2021 Култура

Песна скриена во временска капсула треба да се објави во 2045 година

Музичарите испраќале песни во вселената, биле објавувани многу постхумни албуми со претходно снимен материјал, постоеле разни нејасни и исклучително ретки колекционерски изданија, а сега една песна е ставена во временска капсула.

Доли Партон сними песна која е ставена во временска капсула, каде што строго ќе се чува до 2045 година, кога ќе биде дозволено да се отклучи мистериозната кутија.

Песната се чува во посебна кутија на тајна локација

Песната моментално е сместена во специјална кутија направена од костеново дрво, складирана на тајна локација во одморалиштето „Доливуд дрим“, кое свечено беше отворено во 2015 година. На вработените од одморалиштето им било посочено дека не смее да се отвори до одредениот датум.

- Станува збор за песна што никој нема да ја слушне до 30-годишнината од отворањето на одморалиштето. Ми рекоа дека дотогаш ќе бидам мртва, на што им одговорив: „Па можеби и не. Ќе имам 99 години. Имам видено луѓе што живеат и подолго - вели Партон.


Додава дека ѝ било многу тешко да се „раздели“ од добрата песна, наместо да ја сподели со светот, но се надева дека ќе го доживее моментот кога нејзината песна повторно ќе ја види светлината на денот.

- Ми се чини дека беше прилично чудна идеја - да ја напишам таа мистериозна песна. Не знам дали ќе ја доживеам стотата или не. Но, никогаш не се знае. Можеби и лично ќе бидам присутна кога ќе биде отворањето - вели таа.

Во заклучената кутија, заедно со песната има и ЦД-плеер на кој треба да се пушти песната во 2045 година.

Првичната идеја потекнува од нејзиниот маркетинг-тим. Исто така, пејачката неодамна изјави дека размислува да ги продаде правата на целиот нејзин музички каталог.

Извор: Mixer.hr
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура