X
 13.03.2020 Здравје

Прогласена кризна состојба во Дебар и Центар Жупа - четворица нови заразени од коронавирус

Во Дебар и Центар Жупа од денеска е воведена кризна состојба поради состојбата со коронавирусот, одлучи Владата на денешната седница. Од тестираните во Дебар уште четворица покажале позитивен тест на вирусот Ковид-19 и тие ќе бидат хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Влошена е состојбата на сопругата од заболениот брачен пар од Дебар, соопшти на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

- Пациентите се стабилни, освен сопругата од брачниот пар во Дебар. Таа има дополнително влошување на состојбата и е на граница да биде поставена на апарат за механичка вентилација. Специјалистите се надеваат дека со терапијата за поддршка таа ќе го преброди овој период, но подготвени се да биде поставена на апарати за дишење ако се влоши состојбата - рече Филипче.

Фото: Влада

Од Дебар се тестирани уште десет лица кои се во домашна изолација. Од нив четворица се позитивни, тие ќе бидат донесени на лекување во Скопје иако имаат лесна клиничка слика. Ќе има ограничување на движењето на луѓето што живеат во овие општини, ќе бидат контролирани влезот и излезот. Во наредните 24 часа закажана е седница на Комисијата за заразни болести, за да се направи оперативен план како ќе функционира сè во кризните области.

Филипче информира дека уште еден патник на скопскиот аеродром, Македонец од Германија, покажал лесно зголемена температура.
- Изолиран е, земени се примероци за тестирање на коронавирус. Во изолација се и патниците што биле околу него. Од денеска целосно се почитува забрана за влез на граѓани што доаѓаат од земји со висок ризик - рече Филипче.

Во моментов на Клиниката за инфективни болести има 9 пациенти, вклучувајќи ја и првата пациентка што денеска или утре ќе биде отпуштена. Сите 12 лица што беа со неа во комбето се во домашна изолација веќе 17 дена, тестирани за коронавирус и кај сите резултатот е негативен.

- Уште еднаш апелирам сите да ги почитуваат забраните. Тие се обрзувачки и сите што нема да ги применуваат препораките ќе бидат казнети. Преземаме радикални мерки зашто учиме од состојбите во Кина и во Италија – овие мерки покажаа резултати. Самосвеста е од пресудно значење. Јавните собири се забранети. МВР ќе постапи против сите што не ги почитуваат. Деновиве МОН ќе препорача што да се прави со наставата за учениците од дома. Мислам дека веќе нешто подготвуваат – рече Филипче.

На новинарско прашање дали во буџетот има пари да се справиме со ситуацијата, Филипче одговори дека буџетот е ликвиден, економскиот тим постојано се состанува, се пренаменуваат средства таму каде што е потребно.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски порача сите да ги користат електронските документи.
- Ова се однесува и на граѓаните и на институциите. Има и изводи од матичната книга на родени и на венчани. На страницата www.uslugu.gov.mk има 120 достапни документи. Ова се однесува и на фирмите и на сите што работат на шалтери. Нема потреба физички да бидат присутни за да се заврши дневната работа. Мора да направиме сè за да се намали ризикот. Во тек се подготовки и граѓаните по СМС да ги добиваат препораките за заштита - рече Манчевски.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје