X
 13.03.2022 Живот

Антисемитски дискриминации

Ќе започнам со изјавата на Саманта Пауер: „Кога се случуваат антисемитски дискриминации или насилни акти, тоа претставува закана за либералното општество. И граѓаните низ светот имаат интерес да го спречат и да се изјаснат против тоа.“ Антисемитизмот е процес кој успева постепено да се модифицира и да се приспособи во различните облици на владеење. Сѐ до XIX век тој бил именуван како антијудаизам, а потоа, во 1879 година Вилхелм Мар го создава терминот антисемитизам преку кој ги опфатил сите сегменти на омразата спрема Евреите.

Евреите претставуваат народ чија вера и култура се разликува од верата и културата на другите народи, односно со оние со кои живееле едни покрај други. Токму ваквите различности придонеле за создавање стереотипи и антисемитски појави. Тука е основната причина како различноста на една група придонела за создавањето на антисемитизмот, кој всушност ги става Евреите во групата на омраза според нивните принципи за живот, кој со сите сили се трудат да ги задржат. Според Бернард Лазар, француски литературен критичар од еврејско потекло: „Евреинот е само еден од факторите на антисемитизмот; го предизвикува со своето присуство, но не го одредува само тој. Народите помеѓу кои живееле Израелците, нивните манири, нивните обичаи, нивната религија, филозофија, дури и народите помеѓу кои се развил Израел, го одредуваат посебниот карактер на антисемитизмот, кој се менува во зависност од времето и просторот.“

Токму таквите различности придонеле за создавање стереотипи и антисемитски појави за Евреите дека се многу богати луѓе, кои владееле со трговијата и го контролирале светот преку финансиите, дека ја контролираат филмската индустрија во Холивуд и медиумите во светот. И токму затоа антисемитизмот е појава која успешно се приспособува на времето и просторот.

Во македонското општество постојано се тврди дека тоа е имуно на антисемитизмот, меѓутоа, под површината, постоеле и сѐ уште постојат антисемитски појави и процеси. И покрај генерално добриот однос што бил воспоставен со другите заедници, антисемитските појави спорадично се појавуваат по осамостојувањето во 1991 година. Од страна на поединци или групи, нацртани кукасти крстови (свастики) се забележуваат низ различни градови во Македонија. На овие антисемитски појави не се имуни ниту македонските спортски настани. На разни спортски натпревари од одредена група навивачи може да се забележат разни нацистички симболи. Најчесто тоа се кукасти крстови или таканаречениот келтски крст. Овие симболи кои се истакнуваат од страна на групи или поединци се најчесто оние што мечтаат за нов светски поредок во кој простор за Евреите едноставно не е предвиден. Сепак, ваквите антисемитски појави се резултат и на одредени групи кои не знаат, ниту прочитале нешто за тоа што е холокауст и токму таквото непознавање на историјата и историските факти, исто така, може да предизвика доста загрижувачка состојба. А, во последниот период, особено на социјалните мрежи повторно сме сведоци на антијудаизмот, кој за разлика од антисемитизмот е базиран врз расна и етничка омраза и антиционизмот, односно омразата кон државата Израел, инспириран од теориите на заговор за наводниот скриен план на Евреите да се збогатат и да завладеат со светот.

Таков е и случајот со еврејската религиозна група позната под името Лев Тахор (чисто срце) со која се поврзуваат повеќе контроверзии поради нивните религиозни практики, како и нивниот невообичаен изглед. Токму таквите различности предизвикаа негативни реакции кај граѓаните. Во соопштението на Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница на Македонија, се работи за мирољубива група која нема никаква поврзаност со македонската еврејска заедница. „Една група од 38 члена, со регуларен престој во Македонија, облечена во својата традиционална облека, од која повеќе од половината се жени и деца, предизвикува неверојатен јазик на омраза, антисемитизам и ксенофобија.



Една мала група подбуцнувачи со своите изјави во стилот: „Треба да се запали хотелот сосе Евреите во него“ предизвикува страв и непријатно чувство на Евреите во Македонија.“

Ваквите антисемитски појави во Македонија, иако немаат цврста основа, ниту пак имаат институционален карактер, постојано се присутни во една завиена форма. А токму тука лежи опасноста и затоа државата треба да преземе некои мерки и да ја санкционира и најмалата појава на антисемитизам, односно да го сосече во корен. Бидејќи сѐ додека се инциденти, ваквите појави можат да се контролираат. Сепак, треба да се има предвид и образованието, бидејќи само преку правилна едукација би можело да се постигне подобрување.

Имајќи предвид дека историјата се повторува, задачата на мојата и идните генерации е да направиме сѐ што е во наша моќ да го истиснеме или целосно да го елиминираме антисемитизмот од овие простори. Бидејќи историјата нѐ учи да не ги правиме истите грешки, туку да се обидеме да ги поправиме.

Автор: Стефан Петрушев, магистер по историја

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот