X
 13.04.2019 Здравје

Слободен ден за жените за време на менструалниот циклус

Една египетска компанија стана прва во земјата што секој месец на жените ќе им дава платен слободен ден за време на нивниот менструален циклус. Жените вработени во „Шарк енд Шримп“, агенција за дигитален маркетинг од Каиро, нема да треба да покажуваат медицински доказ дека имаат болки за време на циклусот.

- Сите вработени жени можат да изберат кој ден од нивниот циклус ќе им биде слободен. Ние имаме 100-отстотна доверба во нашите вработени и знаеме дека нема да ја злоупотребат оваа одлука. Вработените најпрвин беа шокирани и се срамеа бидејќи тука, на Блискиот Исток и во Северна Африка, не е нормално слободно да зборуваат за ова прашање. Но, откако разбраа дека политиката на сите жени им нуди приватност, тие беа многу среќни - истакна Ранија Јусеф, раководител на одделот за човечки ресурси во компанијата.

Извршниот директор на компанијата, Мохамед Наием, одлучил да ја воведе практиката откако читал медицински написи за менструалните болки и откако забележал дека многу организации на жени повикуваат на платен одмор за време на циклусот.

Некои Египќани се подбиваа со потегот, но други ја пофалија одлуката. Потегот следува по неодамнешен предлог на египетските новинарки кои се заложија на жените во земјата да им се дозволи да не одат на работа за време на менструалниот циклус.

Отсуството за време на менструалниот циклус е признато во земји како Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, Индонезија и Замбија. Некои приватни индиски компании исто така ја воведоа оваа практика. Во Јужна Кореја жените може да добијат дополнителни финансии ако не го искористат одморот што им следува.

Во 2015 година Замбија стана првата африканска земја што почна да го негува правото на жената на менструално отсуство во законите, давајќи им еден слободен ден месечно на жените. Законот со кој им е овозможено тоа е познат како Ден на мајката, без оглед на тоа што се однесува на сите жени, независно од тоа дали имаат деца или не.

Јапонија има политика за менструално отсуство уште од 1947 година, кога бил изгласан закон со кој им се дозволило на жените со болни циклуси или, пак, оние што имаат работа која би можела да ја интензивира болката да не одат на работа.

Минатата година Италија се обиде да воведе сличен закон, со што би станала првата западна земја со официјален менструален одмор, но законот не доби зелено светло.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје