X
 13.04.2022 Живот

Нутритивна суплементација кај пациентки со малигни заболувања на гениталните органи

Онколошките случаи во гинекологијата се едни од најчесто застапените малигни заболувања кај жената, а сметајќи кумулативно, се на второ место, веднаш по карциномот на дојка. Оваа состојба ја сместува гинеколошката служба во најповиканите за превенција на доброто здравје кај жената. За жал, и покрај многуте превентивни програми, скрининзи, акции и просветување за овие болести, кај дел од населението во женската популација сѐ уште се детектираат малигни заболувања на женскиот генитален систем во напредната фаза, односно стадиум.

Немањето јасни симптоми во раните стадиуми на оваа група болести, во комбинација со нередовни гинеколошки прегледи доведува до извесен број на пациентки кои, поради напреднат стадиум на болеста, треба да се подвргнат на радикални гинеколошки операции, на што најчесто следува дополнителна радиолошка и/или хемотерапија. Во случај стадиумот на болеста да е многу напреднат, што практично е иноперабилен, таквите пациентки се третираат примарно со хемотерапија, односно со цитостатици. Голем дел од тие пациентки, без оглед на тоа дали се оперирани или не, имаат одреден степен на малнутриција, која може да биде манифестна или прикриена. Сето тоа доведува до анорексија која се предизвикува од намалениот внес на квалитетни прехранбени производи, пред сѐ, протеински, но има и значителен недостиг на витамини и есенцијални масни киселини. Малнутрицијата која е присутна и се манифестира кај пациентки со малигни заболувања вообичаено се вика канцер кахексија. Важноста на оваа состојба е во поголемата и почеста појава на постоперативни и посттерапевтски несакани ефекти и компликации. Согласно наведеното, особено постоперативно, потребен е регуларен внес на протеинска и калориска исхрана согласно подолу изложеното:

Дневни протеински потреби – 1-2 г/кг ТТ
Дневни калориски потреби – 25-35 ccal/kg ТТ

Најдобро е протеинско-калорискиот дефицит да се надополни со перорална, нормална исхрана. Во случај тоа да не е можно, се преминува на т.н. ентерална исхрана, во облик на суспензија, која ја содржи дневната доза на потребните прехранбени продукти, а која, ако пациентот не може да голта, може да се дава со сонда. Во најтешките случаи се преоѓа на тотална парентерална исхрана, која се дава преку инфузии.
Едно од почестите проблеми со кои се среќаваме во лекувањето на гинеколошко-онколошките пациентки е невропатијата. Тоа е состојба кога нервите ќе претрпат одреден степен на оштетување, па не комуницираат соодветно со органите со кои се поврзани, што доведува до поголеми или помали испади, во смисла на невообичаени сензации, болка, вртоглавица, зачестено или отежнато мокрење, неволни движења, нарушување на меморијата и др.

Во моментов не постои познат лек за периферна невропатија, но постојат начини како подобро таа да се контролира. Првиот чекор е да се решат факторите што предизвикуваат невропатија. Кај пациентките со инвазивен карцином на грлото на матката, на пример, се применува техника на nerv sparing, каде што операторот се труди да го поштеди нервниот сплет во карлицата и со тоа да се превенираат идните невропатии. Контролата на нивото на шеќер во крвта во случаи на дијабетес, изложеноста на токсини, инфекции и детекцијата на компресија на нервите поради секојдневни активности се исто така регуларни дијагностички процедури во превенцијата на невропатиите. Сепак, овие постапки не е возможно да се применат секогаш и 100 % кај сите пациентки, а кај поголем дел од пациентките што примаат цитостатска терапија, појавата на невропатиите е вообичаена.



Третманот може да помогне во олеснување на некои од симптомите на невропатијата. Понекогаш овие симптоми исчезнуваат кратко време по завршувањето на соодветната терапија, но, понекогаш траат многу подолго и имаат потреба од долготраен третман. Симптомите на тешките облици на невропатија перзистираат, и можеби никогаш нема да исчезнат. Поради наведеното, кај овие пациентки е потребна дополнителна нутритивна поддршка, во која е потребно да се вклучат витамини/минерали.

Невротропните витамини од групата Б се мешавина од витамини кои играат важна улога во здравјето на нервниот систем. Тие ги хранат нервите и помагаат во нивната регенерација. Овие витамини, тиамин (Б1), пиридоксин (Б6) и кобаламин (Б12), природно се добиваат со јадење месо, јајца и житарки. Но, поради погореопишаните ситуации на потхранетост, немање апетит и одбивање храна, кај пациентите се препорачува избалансиран и прецизен, секојдневен витамински внес, кој генерално во првите денови ќе ја превенира појавата на невропатиите, а подоцна, при манифестација на истата, ќе ги ублажи симптомите и ќе доведе до побавна прогресија на болеста. Недостигот на витамини од групата Б треба да се компензира што е можно порано, пред да имаме манифестни несакани ефекти од терапијата, а најдобро е да се почне 7 дена по спроведувањето на оперативниот гинеколошки третман.
Постојат повеќе препарати што содржат разни комбинации на витамини, кои се адаптирани за превентивна или терапевтска употреба, а се препорачуваат во разни состојби, вклучително и во суплементација на пациенти со малигни заболувања. Во глобала, за пациентките што страдаат од гинеколошки малигноми дневните потреби би требало да се движат во следните рамки:

Витамин Б1 – 3 mg
Витамин Б2 – 3,6 mg
Витамин Б3 – 40 mg
Витамин Б5 – 15 mg
Витамин Б6 – 4 mg
Витамин Б12 – 3 μ g

Со оглед на тоа дека гинеколошките пациентки во напреднат стадиум на болеста веќе имаат витамински дефицит, кај нив најчесто се оди со терапевтски дози кои се значително повисоки од наведените, бидејќи нивната ресорпција е намалена, особено ако се даваат со поедини лекарства како што се цитостатици (5-флуороурацил), антациди (лекови кои неутрализираат желудочна киселина), диуретици (лекови кои го зголемуваа мокрењето), но и алкохолот, црниот чај и пијалаци кои содржат сулфити, на пр., виното. Секако, сето ова треба да биде под лекарска контрола за правилно да се следи, дозира и третира, а во случај на предозираност, навреме да се уочат страничните ефекти на терапијата и таа да се прекине во вистински момент.
Лекарскиот тим кој третира гинеколошки малигноми треба да биде максимално посветен, со цел да се обезбеди што е можно подобар исход во продолжување на животот, но исто така и во подобрување на квалитетот на животот на пациентките кои страдаат од овој тип на болест.


Автор: доц. д-р Сашо Стојчевски
Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство- Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот