X
 13.05.2019 Наука

Поради климатските промени, дрвјата побрзо растат

Кога станува збор за климатските промени, нема многу добри вести. Од природни катастрофи до масовни изумирања, ефектите се повеќе од загрижувачки.

Има една област каде што климатските промени можеби имаат позитивен ефект, а тоа е растот на дрвјата. Нова студија покажа дека гмелиновиот ариш во шумите во Северна Кина растел повеќе во периодот од 2005 до 2014 година отколку во претходните 40 години.

Студијата била насочена кон годовите на дрвјата и со истражувањето било утврдено дека најстарите дрвја имале најголеми изблици на раст. Дрвјата постари од 400 години растеле 80 отсто побрзо во тие 10 години отколку во изминатите 300 години.

Дрвјата стари меѓу 250 и 300 години пораснале за 35 отсто повеќе во текот на тој период, додека дрвјата помлади од 250 години пораснале меѓу 11 и 13 проценти повеќе.

Зголемениот раст, кој им се припишува на потоплите почви, е добар за дрвјата краткорочно, но на долготраен план тој може да ги уништи шумите.

Ова се случува затоа што длабочината на слојот на пермафростот (вечен мраз) се спушта и тоа им дозволува на корените на дрвјата да се прошират и да впиваат повеќе хранливи состојки, што доведува до раст.

Како и да е, ако ова продолжи, пермафростот под дрвјата на крајот може да деградира до точка кога веќе нема да може да ги издржи дрвјата. Ова би било закана за целиот екосистем.

Авторите на студијата се сомневаат дека најстарите дрвја пораснале најмногу затоа што имаат поразвиен коренски систем кој може да впие повеќе хранливи состојки за пократок период.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука