X
 13.05.2019 Живот

Во светот нема доволно овошје и зеленчук за сите да се храниме здраво

Нова студија потврдува дека светот не произведува доволно овошје и зеленчук за да може сите луѓе да водат здрав начин на живот.

Студијата е направена од страна на Универзитетот во Гвелф, Канада, набљудувајќи го глобалното земјоделско производство.

- Едноставно не можеме сите да се храниме здраво во моменталниот глобален систем на земјоделство - истакна Eван Фрејзер, коавтор на студијата.

Тимот работел со претпоставка дека половина од нашата исхрана мора да содржи овошје и зеленчук, четвртина да бидат житарици, а другата четвртина протеини, масти и млечни производи. Тоа се препораките на харвардскиот водич „Здрава исхрана“.

Потоа тие споредувале колку земјиште се користи за земјоделство и колку е потребно за да се исполнат тие упатства. Проектирале резултати до 2050 година, кога глобалното население, според ОН, би можело да достигне 9,8 милијарди.

Има доволно житарици, шеќери и масти. Истовремено, нема доволно овошје, зеленчук, протеини.

- Сега произведуваме 12 порции житарици по лице наместо препорачаните 8. Потоа 5 порции овошје и зеленчук наместо 15. Произведуваме и 3 порции протеини наместо 5 и 4 порции шеќер наместо ниедна - стои во соопштението.

Една од причините е што земјите во развој имаат тенденција да се фокусираат на јаглехидратите, кои лесно се произведуваат.

Другиот проблем е што мастите, шеќерот и солта се вкусни, велат експертите. Сите тие фактори заедно резултирале со систем кој прекумерно произведува таков вид храна.

За да се исполнат препораките, експертите тврдат дека би требало да јадеме помалку месо, а би требало да се произведуваат повеќе билни протеини.

Ако ништо не се промени, до 2050 година би ни биле потребни 12 милиони хектари обработливо земјиште и 1 милијарда хектари пасишта за да ја задоволиме побарувачката.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот