X
 13.05.2020 Живот

Како се живее на Антарктикот за време на пандемијата?

Додека остатокот од светот се соочува со пандемијата на коронавирусот, еден континент успева да остане изолиран. Антарктикот, најстуденото место на Земјата, во моментов веројатно е најбезбедно место во светот бидејќи таму нема ниту еден случај на заразен човек со коронавирус. На континентот нема официјално население, но таму живеат или привремено престојуваат околу 5.000 луѓе, меѓу кои има научници и истражувачи.

Кери Нелсон, која се наоѓа на Антарктикот, вели дека веројатно сите луѓе што се на континентот во моментов се благодарни затоа што се таму.

Иако луѓето што престојуваат таму се изолирани од остатокот од светот, тие постојано ги следат настаните. Истражувачите се загрижени за своите семејства.


Фото: Pixabay

- Се чувствувам како да сме на Месечината и гледаме надолу. Може да видиме што се случува, но е толку далеку - вели Роберт Тејлор, кој работи како водич на континентот.

Туризмот е во пораст на Антарктикот во последните години, а крстосувањата беа популарни пред пандемијата. Околу 56.168 патници го посетиле континентот во сезоната 2018-2019. Тоа е за 40% повеќе од претходната година. Оваа сезона, која траеше од ноември до крајот на март, се очекувале околу 78.500 туристи.

Но, поради пандемијата, биле ограничени патувањата до континентот и сите туристички тури биле откажани. Во еден случај група патници на брод за крстосување биле евакуирани откако речиси 60% од нив се заразиле со коронавирусот.


Фото: Pixabay

Тешко е да се каже какво би било влијанието на недостигот на туристи врз индустријата на континентот бидејќи бројот на туристи што доаѓаат е многу мал во секој случај. Во меѓувреме, оние што веќе се наоѓаат на континентот веќе се во одреден вид изолација, дури и пред кризата. Нелсон вели дека користи многу техники со кои луѓето низ светот експериментираат за да го помине слободното време.

- Се обидувам да најдам начин да се забавувам со лични проекти - вели таа.

Сепак, таа признава дека се чувствува виновно зашто е далеку од нејзините најблиски во овој период.

- Чудно е да се биде физички на крајот на светот, додека, барем на почетокот, некои луѓе се плашеа дека можеби навистина сведочиме за вистинскиот крај на светот (или барем крај на светот каков што го знаеме) - вели Нелсон.

Нелсон треба да замине од Антарктикот во април, а Тејлор си заминува во април наредната година. Кога тие и останатите привремени жители на континентот ќе се вратат дома, ќе сведочат за промена која веројатно не ја очекувале.

Автор: Тамара Хардингем
Извор: Си-ен-ен
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот