X
 13.06.2017 Образование

Што е „гаокао“ и зошто има животна важност за учениците во Кина?

Кина почна да го спроведува испитот „гаокао“, што ќе го полагаат 9,4 милиони матуранти за прием во националните универзитети.

Министерството за образование очекува околу 3,7 милиони од овие матуранти да се запишат на додипломски студии откако ќе ја поминат серијата тестирања оваа година. Годинава на факултет ќе се запишат 10.000 студенти повеќе од лани.

Конкуренцијата за упис на врвните универзитети во земјата е огромна, а властите преземаат дополнителни мерки за да превенираат мамење при полагањето.

Тестот „гаокао“ во Кина се смета за најважен, зашто од него зависи иднината на секој млад човек со амбиции за стекнување високо образование. Исто така, овој тест го нивелира полето за „натпревар“ помеѓу сиромашните и богатите кандидати.

Во продолжение следува кратка експликација зошто приемните испити во Кина се од животна важност, за нивната историја, но и за контроверзиите што се провлекуваат со нив.

Што претставува „гаокао“?

„Гаокао“ или во буквална смисла „висок тест“ е кратенка за многу подолгото официјално име или Национален високообразовен приемен испит, тест за академска квалификација за речиси сите матуранти кои посакуваат да стекнат високо образование.

Првиот стандардизиран испит во НР Кина беше спроведен во 1952 година, но по 14 години, претседателот Мао Ѕедунг го укина со образложение дека младината (меѓу која беа сегашниот претседател Кси Џинпинг и премиерот Ли Кечијанг), треба да биде испратена на село и да учи од селаните.

Испитот бил реактивиран во 1977 по завршувањето на разорната Културна револуција, така што годинава „гаокао“ слави 40 годишнина од повторното активирање. Во 2001 беше укината возрасната рестикција, па така денес секој што завршил средно школо може да го полага овој испит.

Рекордот на матуранти кои го полагале „гаокао“ беше поставен во 2008 (10,5 милиони), а оттогаш бројот постојано се намалува. Годинава ќе полагаат 9,4 милиони матуранти.

Кои предмети се вклучени во „гаокао“?

Испитот опфаќа три задолжителни предмети: кинески јазик, математика и англиски јазик, и еден изборен предмет во зависност од интересите на кандидатот за натамошните студии (општествени или природни науки). Целиот испит трае  девет часа во текот на два дена, почнувајќи од 7 јуни. Во ретки случаи, матурантите од етничките малцинства го полагаат тестот на својот мајчин јазик на деветти јуни.

Зошто „гаокао“ е толку важен во Кина?


Испитот е важен затоа што ја предодредува иднината на младите – дали ќе одат на факултет, во која институција ќе работат и каква кариера ги очекува.

Кандидатите треба да направат солиден тест за да добијат прием на подобри универзитети, каде што им се гарантира светла иднина, со општествен статус, богатство и моќ.

За повеќето Кинези, особено тие кои доаѓаат од помалку привилегирани семејства и средини, високиот резултат на „гаокао“ е нивен единствен начин значително да влијаат врз сопствената судбина.

Како матурантите се справуваат со најважниот испит во нивните животи?


Одговорот е едноставен – со постојано и напорно учење. Во средното училиште Хенгшуи во провинцијата Хебеи, каде што повеќе од 100 ученици се запишуваат на престижните универзитети Пекинг и Цинхуа, на учениците им даваат инфузии за време на подготовките, бидејќи веруваат дека тоа ќе им помогне да се концентрираат и да се фокусираат. На девојките им даваат контрацептивни таблети за да им го одложат месечниот циклус до завршувањето на испитот.

Како родителите им помагаат на своите деца при подготовките за испитот? 

Родителите дури се и понервозни од своите деца во овој период. Тие изнајмуваат хотелски соби во близина на центрите каде што се сместени учениците и каде што одмараат меѓу двете испитни сесии.

Исто така, локалните самоуправи преземаат специјални „гаокао“ мерки, како на пример, рестрикција на сообраќајниот метеж околу центрите за полагање. Имало случаи кога загрижени родители ги блокирале улиците за да ја намалат бучавата од автомобилите за време на полагањето на делот слушање и разбирање на англиски јазик.

Уличните танчари доброволно ги запираат своите тренинзи ноќе, а градежните работници прекинуваат со работата за да им обезбедат мир на кандидатите.

Кои се контроверзиите на „гаокао“ испитот?

Големата конкуренција и објавувањето на резултатите се најчеста мета на критики поради непотребно изложување на стрес на кандидатите и нивните семејства, па и на професорите.

Квотата за упис на универзитетите се дистрибуира до секоја провинција или провинциска општина, како на пример, во Пекинг и во Шангај, во зависност од тоа каде е регистрирано живеалиштето на кандидатите, така што тоа води до локални политики кои им забрануваат на не-локалните ученици да полагаат во области каде што живеат како мигранти.

Оваа практика доведе до протести од страна на семејствата на овие кандидати, кои бараат права за нивните деца, да можат да полагаат и да се земат предвид при уписите во Пекинг и Шангај. Исто така, се протестираше и против шемата на Министерството за образование да ја алоцира локалната уписна квота во западните провинции како начин за промовирање еднакви можности во образованието. 
 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование