X
 13.06.2021 Живот

Поезија наместо апчиња препишуваат лекарите

Многумина од нас, а можеби и сите, потрошивме една година во залудни обиди да го најдеме најдобриот начин да ги жалиме луѓето што ги изгубивме, да се соочиме со стресот, да ги оживееме задоволствата што ни ги украде пандемијата.

Присуствувавме на погреби и на свадби на „Зум“, наизменично се смеевме и липавме пред екраните, обидувајќи се да му дадеме смисла на светот свртен наопаку.

Но, колку луѓе се насочија кон пишаниот збор, поточно кон поезијата како извор на утеха, поврзаност, инспирација и прифаќање?

Некој што долго време ја ставал поезијата на пиедестал, како на личен така и на професионален план, е д-р Норман Розентал, психијатар од Роквил во Мериленд, инаку пионер во употребата на светлосна терапија за сезонски нарушувања на расположението. Д-р Розентал вели дека ја искористил поезијата како помагало за терапија и забележал навистина добри резултати кај пациентите.

- Ја засакав поезијата веднаш штом научив да читам, и тоа ми беше личен извор на утеха во различни периоди од мојот живот. Како терапевт, собирав песни за кои мислев дека имаат моќ да лекуваат, да инспирираат или барем да донесат радост - вели тој.

Д-р Розентал ги собрал сите овие песни во книгата „Како 50 инспиративни песни можат да лекуваат и да ви донесат радост во животот“.

Иако сите ги слават вакцините, кои потенцијално се единствениот спас од заканата од овој деструктивен вирус, д-р Розентал верува дека поезијата може да биде вакцина за душата. Во свет толку преплавен од загуби, толку лишен од задоволства, тој верува дека поезијата може да ги пополни тие празнини, да ни понуди кратко засолниште од неволјите и да се надеваме на подобро утре.

poezija
Фото: Freepik

За Маргарет Шрејер, прабаба од Минесота, поезијата е како добра пријателка: сигурен извор на инспирација и удобност што ѝ помогна да остане прибрана во долгите и осамени месеци во дом за стари лица.

- Поезијата генерално ми го подобрува расположението. Има мала грутка вистина во секоја песна, и кога прелистувам во колекциите, секогаш наоѓам една што ми се допаѓа, една што ќе ме натера да продолжам. Ги читам наглас. Секојпат кога ќе се навратите на некоја песна, ја слушате со различни уши. На луѓето што мислат дека не ја сакаат поезијата или не ја разбираат, секогаш им велам: „А што е со песните што се пеат? Дали таа е вашата омилена песна? И тоа е поезија“. Некои од најубавите стихови се всушност во музичките нумери - вели таа.

Инспиративната песна на Аманда Горман за која сите зборуваа по инаугурацијата на претседателот Џо Бајден во јануари им покажа на милиони луѓе каква емоционална и социјална моќ може да има поезијата.

Дијана Раб, психолог и поетеса од Санта Барбара, Калифорнија, на својот блог напиша дека поезијата може да ни помогне да разбереме дека сме дел од голема загатка, а не да живееме во нашиот изолиран свет. Поетите ни помагаат да видиме дел од светот на начин на кој не сме навикнати.

И д-р Рафаел Кампо, поет и лекар на Медицинскиот факултет при „Харвард“, верува дека поезијата може да им помогне на лекарите да бидат повнимателни, полесно да развиваат емпатија кон своите пациенти и да бидат свесни за човештвото, без кое не постои вистински лек. Тој зборуваше за ова во неговиот ТЕД-говор во јуни 2019 година.

- Кога ќе го слушнеме ритамот на јазикот, кога рецитираме поезија, нашите тела ги преведуваат тие информации во нијанса на знаење - чувствата добиваат значење - вели тој.

Според д-р Роберт Керол, психијатар кој работи на Медицинскиот центар на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес, поезијата може да им помогне на луѓето да зборуваат за работи што се сметаат за табу, како што се смрт и умирање.

- Кога луѓето ќе бидат погодени од загуба, треба да им биде дозволено да ги изразат своите чувства, да ја изразат својата болка. Треба да им се понуди поддршка и сочувство. Луѓето се чувствуваат најдобро кога е време да продолжат понатаму - вели д-р Розентал.

Д-р Розентал објаснува дека времето сепак лекува многу рани.

- Оваа криза ги погодува сите, а поезијата ни помага да се справиме со тешките чувства како што се загуба, тага, лутина, безнадежност. Иако не секој има дарба да пишува поезија, сите можеме да имаме корист од мислите што поетите ги ставаат на хартија. Песните можат да бидат литературна утеха во пандемијата. Тие ни покажуваат дека не сме сами, дека другите, пред нас, ги преживеале тие страшни загуби и очај - вели тој.

Извор: Nedeljnik.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот