X
 13.07.2021 Живот

Ким Ил-сунг, човекот кој ја обликува Северна Кореја: Неговиот народ го обожава, а светот го обвинува за милиони мртви

Првиот водач на Северна Кореја, односно на Демократска Народна Република Кореја, Ким Ил-сунг, владеел со земјата од нејзиното создавање во 1948 година до неговата смрт во 1994 година. Денот на неговата смрт, 8 јули, бил прогласен за национален празник, а Ким Ил-сунг бил прогласен за „вечен водач“.

Ким Ил-сунг е роден на 15 април 1912 година во селото Магјонгдае, кога му било дадено името Ким Јонг-су. Денес, денот на неговото раѓање исто така е национален празник во Северна Кореја и се одбележува како Ден на сонцето.

Малку се знае за неговото детство, но подоцна тој раскажувал дека пораснал во сиромашно семејство кое припаѓало на христијанската религиозна група презвитеријанци. Неговото семејство било активно вклучено во активности против јапонската окупација уште од 1910 година, а во нив особено се истакнувала мајката на Ким, Канг Бан-сук.

Активностите во кои било вклучено неговото семејство биле насочени против јапонската репресија, која во 1912 година уапсила 52.000 Корејци. Сепак, семејството на Ким, како и многу други, избегало во Манџурија во 1920 година поради зголемената репресија.

Комунизмот во крвта


Ким Ил-сунг се покажал како добар организатор дури и во својата младост, особено кога станува збор за милитантни групи. Тој рано ја открил наклонетоста кон комунизмот.

Во октомври 1926 година ја основал Алијансата за уништување на империјализмот. Наредната година ја формирал Алијансата на комунистичката младина на Кореја, а во јули 1930 година и Корејската револуционерна армија, првата вооружена организација на корејските комунисти.

Комунистичката партија на Кореја била избркана од Комунистичката интернационална организација поради нејзиниот националистички став, па во 1931 година Ким ѝ се приклучил на кинеската комунистичка партија. Во април 1932 година ја организирал Корејската народна револуционерна армија и станал нејзин командант.

1
Ким Ил-сунг на состанок на Новата народна партија и Работничката партија на Северна Кореја
Фото: Wikipedia

Името го променил во 1935 година во Ким Ил-сунг, што во превод значи „да се стане сонце“. Во тие години тој бил командант на герилската шеста дивизија позната како Дивизија Ким Ил-сунг, која се состоела од неколку стотици борци.

Поради ненадејното зајакнување на воената позиција на Јапонија, Ким бил принуден во 1940 година да избега во СССР. Таму бил сместен во логор со повеќето комунистички Корејци и набрзо станал мајор во Црвената армија.

„Големиот водач“ на Северна Кореја

Кога завршила Втората светска војна, било доведено во прашање уредувањето на Корејскиот Полуостров. Сталин се консултира со Лоренс Берија за тоа кој би можел да биде водач на Кореја. По неколку состаноци со Ким, Сталин го предложил него. По осум години во егзил, Ким се вратил во Кореја во август 1945 година.

Во октомври го формирал Централниот организациски комитет на Комунистичката партија на Северна Кореја, а во август 1946 година ги обединил Комунистичката партија на Северна Кореја и Новата демократска партија на Кореја, формирајќи ја Работничката партија на Кореја. Од 1945 до 1966 година Ким бил генерален секретар на Работничката партија, а подоцна и нејзин претседател.

2
Ким во посета на Источна Германија во 1956 година/Фото:Wikipedia

Во повоените години, Обединетите нации сакале да одржат избори во Кореја, но со помош на СССР, на 9 септември 1948 година северниот дел се одделил и формирал посебна држава - Демократска Народна Република Кореја, а Ким Ил-сунг стана првиот претседател на новооснованата земја.

Набргу потоа избувнала Корејската војна, при што Северна Кореја, со помош на Кина и Советскиот Сојуз, успеала да се врати на претходните граници.

Звањето маршал Ким го добил во 1953 година. Поради промените во СССР, најмногу поради смртта на Сталин, Ким Ил-сунг се нашол во неволја. Односите со СССР станале комплицирани за време на Брежнев, а добрите односи биле важен фактор за развојот на новата држава.

Сепак, Ким успеал да одржи стабилен раст на домашната индустрија и економскиот напредок дури и во тие услови. Како што земјата станувала посилна, тој станувал сè попопуларен кај народот, кој го сметал за незаменлив врховен лидер на Северна Кореја.

Кога бил усвоен новиот Устав на ДНР Кореја во 1972 година, Ким Ил-сунг станал нејзин претседател и таа функција ја извршувал до крајот на животот. Тој развил подобри односи со комунистичките лидери во другите земји, најмногу со Ерих Хонекер (Источна Германија) и  Чаушеску (Романија). Во два наврати ја посетил и Југославија, а вториот пат било кога присуствувал на погребот на Тито.

1
Ким и Чаушеску во Пјонгјанг, 1971 година
Фото: Wikipedia

Во 1980 година за наследник го прогласил својот син, што било невообичаено за социјалистичките земји. До 1991 година бил и врховен командант на Корејската народна армија, но таа должност му ја препуштил на својот син.

Како што Варшавскиот пакт и комунистичките земји слабееле, така Ким добивал сѐ помалку помош од нив. Во раните 90-ти години Северна Кореја имала голем проблем со недостиг на храна, а се проценува дека во тие години стотици илјади луѓе починале од глад.

Поради недостиг на електрична енергија во 1994 година, тој наредил истражување на нуклеарната енергија, поради што светските сили веднаш реагирале, па американскиот претседател Џими Картер постигнал договор со Ким да престане со истражувањето.

Ким Ил-сунг починал од срцев удар на 8 април 1994 година. Кога лекарите го известиле неговиот син дека татко му е мртов, Ким Јонг-ун ги повикал најдобрите лекари во Пјонгјанг да видат дали можат да му помогнат на неговиот татко, но тие само можеле да констатираат смрт.

Телото на стариот лидер било јавно изложено во мавзолеј во кој се собрале илјадници луѓе за да се простат од него. По неговата смрт му била дадена титулата вечен водач.

Неговата смрт му ставила крај на едно од најдолгите апсолутистички владеења во 20 век, при што 1,6 милион луѓе загинале, од кои дел во озлогласените работнички логори, а дел во војната со Јужна Кореја. Поради тоа, Ким Ил-сунг се смета за еден од најсуровите владетели во светот.

Извор: 24sedam.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот