X
 13.08.2019 Здравје

СЗО предупредува на најлоша епидемија на сипаници во последните 13 години

Епидемиите на сипаници во моментов се присутни во целиот свет и продолжуваат да се шират, се наведува во новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО).

Во првите шест месеци од оваа година пријавени се најмногу случаи на заболени од оваа болест во последните 13 години и речиси трипати повеќе отколку во истото време минатата година. Освен што сипаниците ги загрозуваат здравјето и животите на многу луѓе, тие се и голем товар за здравствениот систем.

Во САД е забележен најголемиот број случаи во последните 25 години. На европскиот континент во првите шест месеци од оваа година се регистрирани речиси 90.000 случаи на зарази со оваа вирусна болест, што ги надминува бројките забележани за цела 2018 година кога од сипаници во цела Европа беа заболени 84.462 лица.

Причина за зголемениот број заболени е пониското ниво на вакцинирање, а причините поради кои се случува тоа се различни од држава до држава. Некаде станува збор за недостиг на пристап до поквалитетна здравствена заштита или услуги на вакцинирање, некаде за судири во земјата, а некаде за дезинформации за ефектите од вакцинирањето или послабата упатеност за важноста на високото ниво на вакцинирање.

Во Демократска Република Конго, Украина и Мадагаскар годинава се забележени најголем број случаи на сипаници. Меѓутоа, на Мадагаскар во последните неколку месеци бројката на заразени драстично се намалила поради владината кампања за потребата од вакцинирање. Големи епидемии од оваа болест се забележани и во Ангола, Камерун, Чад, Казахстан, Нигерија, Филипини, Јужен Судан, Судан и Тајланд.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје