X
 13.09.2020 Живот

Авторитарните режими низ светот ја користат пандемијата за зајакнување на контролата, но не и борбата против вирусот

Во период од шест месеци пандемија, авторитарните режими ја засилија контролата врз населението и врз информациите за ширење на вирусот, но лошото справување со кризата ја нарушува нивната репутација.

Од Кина до Русија преку Малезија, Пакистан или Египет, извештајот на „Амнести интернешнл“ („Изложени, замолчени, нападнати“), објавен во средината на јули, предупредува на многу случаи во околу 30 земји со „ограничувања и упатства за спречување на здравствените работници да ја изразат својата загриженост за болеста“.

„Амнести“ го истакнува случајот на кинескиот офталмолог Ли Венлианг, кој почина на почетокот од февруари од Ковид-19 и кој предупредуваше на болеста уште во декември 2019 година, а беше уапсен и казнет од полицијата за ширење шпекулации.

Во Квет, Пакистан, на 6 април бил насилно прекинат протестот на лекарите кои се жалеа на условите за работа и недоволната опрема. Во 24 часа биле приведени 53 медицински работници.

Во Кина, Турција, Русија и во Централна Азија авторитарните режими сакаа да се прикажат како силни системи, поспособни од демократските земји за решавање вакви проблеми и презедоа различни мерки за зголемување на контролата, за да не излезат на виделина информациите или алтернативните мислења на други луѓе, вели Бено Зог од Центарот за безбедносни истражувања во Швајцарија.

Во Белорусија хаотичното водење на долго потценетата епидемија и обвинувањата за неважечки избори предизвикаа големи протести, но експертите не известуваа за апсењата, ниту за репресијата.

virus
Фото: Screenshot/YouTube

Забраните за собири, ограничувањата на слободата и на протокот на информации ги кршат основните слободи на медиумите и на социјалните мрежи. „Амнести интернешнл“ ги обвинува египетските власти дека ги користеле обвиненијата за масовно ширење лажни вести и тероризам за апсење лекари и фармацевти (најмалку девет апсења меѓу март и јуни). Истите обвиненија се подигнати и против новинарот Мохамед Мунир, соработник на „Ал Џезира“, кој кон средината на јули починал од Ковид-19 во затвор.

На Филипините, претседателот Родриго Дутерте е обвинет за затворање на популарниот ТВ-канал Еј-би-си-Ес-би-ен, жесток критичар на неговата политика за борбата против дрогата, и ја испрати полицијата за контролирање на мерките за изолација и тестирање, заканувајќи им се на престапниците со затворска казна.

Под изговорот „борба против дезинформации“, Русија и неколку поранешни советски републики во Централна Азија, како Киргистан и Казахстан, донесоа закони за забрана на некои информации за пандемијата. Тврдејќи дека ги користат за спречување на болеста, авторитарните режими ги забрзаа инвестициите во технологиите, често од Кина, како што се геолокација преку Џи-пи-ес, надзорни камери, препознавање на лице и контрола на идентитетот.

Сите овие режими ја покажаа својата вистинска природа, односно дека повеќе се грижат за економијата отколку за здравството, дека сакаат да се претстават силни наместо да одржуваат социјален поредок, вели Зог.

Ума Камбампати од Универзитетот „Ридинг“ во Велика Британија вели дека нивниот начин на справување со кризата е мачно водство, што ја задоволува потребата на луѓето за едноставни одговори и решенија. Таа го наведува примерот на Наренда Моди во Индија и Владимир Путин во Русија, кои беа доста присутни на почетокот на епидемијата кога често објавуваа на социјалните мрежи, за потоа да се повлечат и целосно да исчезнат.

- На почетокот можеа да ги обвинуваат другите, велејќи дека вирусот дојде од странство, но по шест месеци повеќе не можат да ги обвинат другите, мора да преземат одговорност и тоа не им се допаѓа. Мислам дека ниеден од овие авторитарни лидери нема добра репутација. Тие се обидоа да спречат вистинските информации да излезат на виделина. Во Индија многу случаи на починати од Ковид-19 се прикажани како инфаркти - наведува таа.

Извор: France24.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот