X
 13.10.2018 Наша тема

Моторџиите од клубот „Потфат“ како ангели чувари на децата. Со нив слават родендени и полуматури, а ги штитат и од насилници

Моторџиите од „Потфат“ организираат многу хуманитарни настани, ги посетуваат децата од Центарот за лица со пречки во развој од Скопје и од Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“

Облечени во кожа од глава до пети, истетовирани, брадести и огромни... Качени на своите моќни машини, моторџиите изгледаат застрашувачки. Но, зад нивниот лик и предрасудите дека се тепачи и бандити се кријат џинови со срце меко како пердув. Барем такви се моторџиите од мотоклубот „Потфат МЦ“( POTFAT MC), кој е формиран во 1998 година.
За децата со попреченост и децата што живеат без родителска грижа сместени во домови, тие се ангели-чувари. Моторџиите се главни гости на нивните родендени, на прославите за полуматура и матура, но и нивни заштитници кога се соочени со врсничко насилство.

Ене ги, доаѓаат моторџиите

Методи Чолаков, претседател на мотоклубот „Потфат“, вели дека сѐ започнало пред неколку години кога добиле повик од Црвен крст да се вклучат во нивните хуманитарни акции.


Методи Чолаков

- Во 2005 година се споивме со Црвен крст. Правевме многу хуманитарни акции. Така ги запознавме децата со попреченост, вистинските борци. Направивме собир на Водно, се плаќаше карта и сите пари ги дониравме во една установа. Но, веднаш сфативме дека не е значајно само да им се донира, децата најмногу се радуваа на дружбите со нас. Кога ќе згрмиме со моторите, сите нè чекаат пред врата: „Ене ги, ене ги, доаѓаат моторџиите“, пеат на цел глас. Тоа не се опишува со зборови – вели Чолаков.
Моторџиите потоа почнале почесто да ги посетуваат децата од Центарот за лица со пречки во развој од Скопје и Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај.



Кога ги уочиле позитивните промени кај децата, побарале список со датумите на родендените. Не пропуштиле ниту еден.
- Одевме со подароци, а тие секогаш нè чекаа со торта.
Зимава повторно ќе почнат со дружбите со децата бидејќи тоа за нив е најважно од сѐ.
- Се договараме со Црвен крст каде сме најпотребни. За Нова година и за Велигден правиме дрво на желби. Секое дете пишува што сака да добие за подарок и ние сето тоа го обезбедуваме заедно.



Дружбите со децата што се оставени во институција и се без родителска грижа почнале со мала резерва од страна на децата. Чолаков вели дека тоа се деца што поминале низ многу лоши нешта.
- На почетокот беа резервирани кон нас, па малку и исплашени, но по неколку посети стануваме најдобри пријатели. Многу нè сакаат, тоа им се гледа во очите. Гледаме филмови заедно, играме карти, на сите ни е забавно – вели Чолаков.
Пораснатите деца ги среќаваат насекаде.
- Бидејќи ова трае повеќе години, многу од децата веќе излегуваат од институциите, па ги среќаваме низ град. Имавме едно дете од Струмица кое сега работи во кафулето на нашиот моторџиски разгранок во Струмица. И сака да стане моторџија – се смее Чолаков.

Деца со чиста душа со кои судбината си поиграла

Што им е потребно на овие деца, кои се оставени од родителите, кои не знаат што значи да се има сигурен дом или се соочуваат со некаков хендикеп?

- Само треба да си искрен со нив. Ништо друго. Тие се сепак деца со чиста душа. На пример, ним им беше чудно што меѓу моторџиите има адвокат, ветеринар, доктор, бизнисмени...Докторот им покажуваше слики во мантил, а тие остануваа вчудовидени. Тие имаа впечаток дека моторџиите се истетовирани бандити. Им ги рушиме предрасудите.



Чолаков е посебно иритиран од односот на другите кон лицата со попреченост и децата и младинците што се оставени во домови.
- Животот им го дал тоа што им го дал и тие не се виновни. Судбината си поиграла со нив. Сите ние како општество мора да направиме многу повеќе за нив. Верувајте, душата ми е полна по средбите со тие деца. Како да си направил некое добро дело кое нема цена. Во очите им се гледа дека се пресреќни само кога се во наше друштво. По секое заминување од кај нив сум смирен. А така се чувствуваат и сите браќа од клубот – вели Чолаков.

Александар Николовски, член на клубот, кој по професија е ветеринар и живее во Канада, ни раскажа за една случка како моторџиите му помогнале на дете што се соочувало со врсничко насилство.



- Едно од децата нè информира дека секој ден после школо 2-3 деца од поголемите класови го чекаат надвор и го малтретираат. Ние му дадовме прешивка protected by POTFAT MC. Тоа ние многу сериозно го сфаќаме, но сепак децата не престанаа да го малтретираат. Се собравме неколкумина и отидовме пред училиштето да видиме што се случува. Видовме тројца како го малтретираат. Ги заокруживме со моторите и бааги се исплашија. Еден од нас стана од моторот и ги праша што е проблемот. Им ја покажавме прешивката на јакната и им објаснивме дека доколку имаат проблем со малиот, ќе имаат проблем со целиот клуб. Повеќе не го малтретираа – раскажува Николовски.

Инаку, решиле да му помогнат на ова дете откако им објаснило дека за проблемот со малтретирачите се обратило кај класната и педагогот, но му било објаснето дека школото не било одговорно за случки надвор од школскиот двор.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема