X
 13.10.2021 Живот

Затворен 9. „Џифони Македонија“, рускиот „На работ“ и канадскиот „Врева“ избрани за најдобри филмови

Рускиот „На работ“ и канадскиот „Врева“ беа избрани за најдобри филмови според средношколците на синоќешното затворање на  9. издание на Филмскиот фестивал „Џифони Македонија“. „На работ“ (On the edge) во режија на Едуард Бордуков е најдобар филм според жирито на сениорите, додека „Врева“ на Неган Трудел го понесе признанието за најдобар долгометражен филм од кадетското жири.

“На работ“ прогласен за најдобар филм

Белгискиот филм „Момче од вселената“ (Space boy) во режија на Оливие Перу е најдобар долгометражен филм според јуниорското жири. Најдобар краток филм според учесниците во оваа категорија е рускиот „Првата линија“ на Катја Бугрова, додека најмногу гласови за краток филм доби „Ми се допаѓа Спајдермен, па што?“ на режисерот Федерико Микали. За најдобар краток филм сениорите го избраа 13-минутниот „Правила на првиот секс“ (First-time sex rules) на Полина Кондратева од Русија.

15-минутниот филм „Живото море“ на Ема Попоска, која живее во Хонгконг, беше најдобар филм направен од ученик. Сите добитници на наградите преку видеопораки им се заблагодарија на жиријата. 

Лазар Нелковски и Марко Петровски, средношколци од Скопје, се следните претставници од македонското жири и ќе патуваат во Џифони во 2022 година. Ќе им се придружат уште четворица млади што беа наградени во 2019 и во 2020 година, но поради пандемијата, не можеа да отпатуваат во Џифони.

Лазар Нелковски и Марко Петровски

- Џифони е безбедно место каде што младите може да го кажат своето мислење и да се сретнат со своите врсници. На тој начин ниеден џифонец не се чувствува сам. Бидејќи мисијата е да им дадеме простор да се развијат во одговорни возрасни луѓе, ова издание го нарековме „Подобрувајќи го светот“ - рече програмскиот директор Деа Крстевска. 

Џибони-хабовите овозможија и во други градови да се почувствува фестивалската магија

Поради пандемијата, фестивалот годинава мораше да го намали бројот на учесници во живо и затоа ја создаде можноста педесетина ученици од Кавадарци, Прилеп, Куманово и од Маврово-Ростуше во изминатите денови да учествуваат на 9. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ од своите училишта или домови. Преку т.н. џифони-хабови тие ги следеа активностите на кадетите и сениорите, гледаа филмови, се вклучуваа во дискусиите, а учествуваа и на работилниците

- Овие ученици првпат се сретнуваат со ваков настан и за нив тоа претставуваше ново искуство и предизвик. Содржините што беа прикажани на настанот одговараа на нивната возраст и го отсликуваа предизвикот со кој се сретнуваат во секојдневниот живот - изјави социологот Лидија Илиевска од училиштето „Наџе Буѓони“ во Куманово.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот