X
 13.12.2018 Живот

Загадениот воздух ги задушува соларните панели

Смогот во Пекинг е толку лош, што некогаш е тешко да се види сонцето. Тоа е лошо за туристите, за локалните жители, но и за соларните панели. Всушност, рекордното загадување на воздухот значи дека просперитетниот соларен сектор во Кина би можел да произведува повеќе чиста енергија, но само кога небото би било почисто.

Во едно неодамнешно истражување, истражувачи во швајцарскиот Федерален институт за технологија во Цирих изнесоа и факти за тоа.

Ако Кина протурка агресивни мерки за намалување на загадувањето на воздухот од секторот на фосилни горива до речиси нула, до 2040 година нејзината флота од фотоволтаични соларни панели би можела да произведува околу 160 теравати годишно. Тоа се дополнителни седум до десет милијарди долари годишно.

- Кина е светски лидер во инсталирање соларни фотоволтаици и истовремено е земја што најмногу страда од загадување на воздухот - вели Мерсе Лабордена, истражувачка и водечки автор на студијата.

Голем дел од загадувањето на воздухот во оваа земја доаѓа од горењето на фосилните горива, особено на јагленот, а Кина е најголемиот потрошувач на јаглен.

Колку повеќе хаос на небото, толку помалку соларна радијација стасува до гладната површина на соларните панели. Честичките како сулфатите може да ја рефлектираат радијацијата, додека оние како црн јаглерод ја апсорбираат пред таа да стаса до земјата.

- Нема дилема - ако ги отстраните честичките од воздухот, ќе добиете повеќе соларна енергија - вели Дан Камен, професор по енергетика на калифорнискиот универзитет „Беркли“.

Исто така, ќе добиете и поздрави граѓани. Загадувањето на воздухот е поврзано со тешкотии во дишењето и срцеви болести, деменција итн. Неодамна беше поврзано дури и со намалениот фертилитет.

Лабордена и нејзините колеги во студијата посветуваат внимание на секторите што се потпираат на фосилни горива и прашуваат што би се случило кога Кина би ги спровела најамбициозните политики во борбата против загадување на воздухот. Таквите мерки вклучуваат нешта како надградба на фабриките со најновите технологии за контрола на загадувањето и префрлање од јаглен на природен гас или пропан за греење.

Користејќи климатски модел, тимот направил симулација уште колку сонце би виделе соларните панели во Кина ако владата ги имплементира овие и други мерки. Истражувачите утврдиле дека импактот би бил најголем во северните, источните и југоцентралните региони, каде што има густа населеност, небото е магливо и каде што се лоцирани повеќето кинески фотоволтаични панели.

Студијата на Лабордена е прва што става цена на финансискиот бенефит од подобрената соларна продуктивност.

Но, решението не е баш евтино. Кина би требало да потроши меѓу 50 и 70 милијарди долари за да може толку многу да го заузда загадувањето на воздухот. Екстра парите од просперитетните соларни панели би надоместиле најмалку 17 отсто од овие трошоци, проценуваат истражувачите. Дури и помали редукции во загадувањето на воздухот би биле корисни за соларната индустрија и за јавното здравје.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот