X
 14.01.2020 Образование

Стотици научни трудови во Русија повлечени поради плагијаторство

Повеќе од 800 научни трудови се повлечени од академските списанија во Русија по истрага поддржана од Руската академија на науките поради загриженост дека руската наука е преплавена со фалсификати, пренесува Радио Слободна Европа.

Трудови на други автори. Истражувања печатени на друго место под друго име. Плагијатура. Јавна тајна е дека со години нешто не е во ред во светот на академските трудови во Русија.

Одборот кој Руската академија на науките го именуваше минатата година се обиде да го реши она за што многумина рекоа дека е огромна задача. Извештајот објавен на 6 јануари потврди колку голем напор било тоа.

Одборот соопшти дека повеќе од 800 трудови се повлечени од минатото лето, кога првпат е посочено на повеќе од 2.500 сомнителни трудови објавени во некои од 6.000-те руски научни списанија.

- Мислам дека ова е само врвот на ледникот - истакнува Ана Кулешова, претседателка на Одборот за етика во најголемото руско здружение за објавување научни трудови.

Коренот на проблемот датира од 2012 година, велат некои аналитичари, кога непосредно пред неговиот нов избор, претседателот Владимир Путин со декрет им наложи на универзитетите повеќе да ги плаќаат професорите, но и да објавуваат повеќе академски трудови за да се поттикне руското меѓународно влијание.

За да извлечат што е можно повеќе трудови, многу руски универзитети се осврнаа кон поврзување на платите и договорите на академиците со продуктивноста во пишувањето на написи. Меѓутоа, други велат дека проблемот е постар и подлабок.

Не само академиците, туку и стопанствениците и високите владини службеници - вклучувајќи го и Путин - се обвинети за плагијатура на студиските и докторските тези.

За да се откријат сомнителните научни написи, комисијата користела софтвер за пребарување на стотици списанија на руски јазик за да провери дали се дуплирани. Исто така, поединци ги прегледувале трудовите што биле означени како можен плагијат или само плагијат.

Комисијата исто така уочила случаи на „нејасно авторство“ во кое академиците биле наведени како автори на една верзија на трудот, но не и на друга.

Резултатите на комисијата во голема мера се во согласност со она што го откриле и други истражувачи, вклучувајќи ја и организацијата „Дисернет“, која се фокусирала на откривање плагијати не само кај руските академици, туку и на други места.

Кулешова, која е на чело на Советот за етика на научните публикации во руското Здружение на уредници и издавачи на научни трудови, во октомври истакна дека плагијатството е распространето во руските научни трудови.

- Не можете точно да кажете колкав процент од научните трудови ги кршат етичките стандарди бидејќи за да го направите тоа, треба да ја анализирате цела база на податоци. Технички, тоа е многу тешко да се направи. За две години се повлечени околу илјада написи кај кои се уочени прекршоци - истакна таа.

Во јули одборот при Академијата за науки, официјално познат како Комисија за потиснување на фалсификувањето научни истражувања, побара од 541 списание да повлечат вкупно 2.528 трудови. До 6 јануари, како што наведува комисијата, 263 списанија се согласиле да повлечат 869 сомнителни трудови.

Комисијата соопшти дека само пет списанија не сакале да соработуваат, па препорача тие пет публикации целосно да се отстранат од Рускиот индекс на научни цитати, база на податоци која ја води „eLibrary“.

Тоа може да биде проблем за многу научници бидејќи трудовите објавени во индексирани списанија често се предуслов за унапредувања и добивање средства.

Кулешова истакна дека некои академици се огорчени од напорите на нејзиниот совет.

- Постојат луѓе на власт кои не разбираат како некој се осмелил да им каже дека е погрешно да се краде туѓ труд. Тие биле плагијатори, а истовремено и пратеници, полковници и слично - вели таа.

Дмитриј Ливанов, кој бил министер за образование од 2012 до 2016 година, во 2014 година изјави дека откритијата за плагијати го нарушиле угледот на Русија.

- Луѓето што не се упатени во темата ќе добијат идеја дека сите академици се измамници и лажговци - рече тој тогаш за руски „Комерсант“.

Путин, во чие официјално резиме стои дека дипломата за право ја стекнал на Државниот универзитет во Ленинград во 1975 година, е соочен со обвиненија за плагијаторство. Во неговата биографија пишува дека Путин во 1997 година одбранил докторска теза од полето на економија на Државниот институт за рударство во Санкт Петербург, под наслов: Стратешко планирање на репродукцијата на базите на минерални ресурси на регион во услови на формирање пазарни односи.

Двајца истражувачи од институтот „Брукингс“ во Вашингтон добиле примерок од тезата во 2005 година и заклучиле дека таа во голем дел е „позајмена“ од учебник од 1978 година, напишан од двајца професори во Питсбург. Путин никогаш не одговори на обвиненијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование