X
 14.01.2022 Живот

Употребата на ацетилсалицилна киселина во примарна и секундарна превенција на кардиоваскуларни болести

Ацетилсалицилна киселина (AСA) е лек со широка примена, кој најчесто се користи за намалување на болката, треската или воспалението. Од огромно значење е антиагрегационото дејство на АСА, дадена кратко време по срцев удар, значајно го намалува ризикот од смрт. Исто така, се користи долгорочно за да помогне во спречување понатамошни срцеви напади, исхемични мозочни удари и згрутчување на крвта кај луѓе со висок ризик. Употребата на АСА е најчесто како аналгетик, антипиретик и нестероиден антиинфламаторен лек (НСАИЛ), но уште поважно е антитромбоцитното дејство со инхибиција на активноста на COX-ензимот во тромбоцитите за да го спречи производството на тромбоксан А2, кој дејствува на слепување на тромбоцитите за време на коагулацијата, но исто така предизвикува и вазоконстрикција и бронхоконстрикција. Доказите сугерираат дека АСА како хемопротективно средство може да ја намали севкупната инциденца на рак и смртност кај колоректалниот, ракот на желудник и хранопровод, со помали ефекти врз ракот на простата, дојка и белите дробови. Преглед на рандомизирани контролни испитувања покажа дека дозите помеѓу 75 и 300 мг дневно ја намалуваат вкупната инциденца на рак за 12% по три години и исто така покажаа намалување на смртноста за 33% и намалување на инциденцата на колоректален карцином за 25% кај долгорочна употреба од 10 до 20 години.

Најчест несакан ефект е иритација на стомакот (диспепсија). Позначајни несакани ефекти вклучуваат чир на желудникот, стомачно крвавење и влошување на астмата. Ризикот од крвавење е поголем кај оние што се постари, пијат алкохол, земаат други НСАИЛ или користат други средства за разредување на крвта. АСА не се препорачува во последниот триместар од бременоста. Генерално не се препорачува кај деца со инфекции поради ризикот од Рејев синдром. Високите дози може да резултираат со зуење во ушите.  Несаканите ефекти се дозно-зависни, а клиничкиот бенефит се постигнува и со помали дози. АСА е еден од најкористените лекови на глобално ниво, со околу 44.000 тони (50 до 120 милијарди апчиња) кои се консумираат секоја година. Се наоѓа на списокот на есенцијални лекови на Светската здравствена организација.

АСА е важен дел од третманот на оние што имале срцев удар. Генерално не се препорачува за рутинска употреба кај луѓе што немаат здравствени проблеми, вклучително и оние на возраст над 70 години, без потврдена дијагноза на кардиоваскуларно заболување. Податоци од клинички студии покажуваат дека кај пациенти што веќе имале срцев или мозочен удар, земањето АСА во доза од 75 до 100 мг дневно во рок од две години спречило 1 од 50 да имаат следен кардиоваскуларен настан (срцев удар, мозочен удар или смрт), но исто така предизвикало нефатални проблеми со крвавењето да се појават кај 1 од 400 луѓе. Работната група за превентивни услуги на Соединетите Американски Држави (USPSTF), во 2016 година, препорача да се започне со употреба на АСА со ниски дози за примарна превенција на кардиоваскуларни болести и рак на дебелото црево кај лица на возраст од 50 до 59 години кои имаат проценет ≥10% 10-годишен кардиоваскуларен ризик, не се изложени на зголемен ризик за крвавење, имаат животен век од најмалку 10 години и се подготвени да земаат ниски дози на аспирин дневно најмалку 10 години. Меѓутоа, во 2021 година, USPSTF препорача против рутинска употреба на АСА за примарна превенција кај возрасни во нивните 40-ти и 50-ти години, наведувајќи го фактот дека ризикот од несакани ефекти ги надминува потенцијалните придобивки. Заклучокот е дека луѓето под 60 години треба прво да се консултираат со лекар пред да започнат со рутинска употреба на АСА.



Кај оние без претходна историја на срцеви заболувања, АСА го намалува ризикот од нефатален миокарден инфаркт, но го зголемува ризикот од крвавење и не го менува вкупниот ризик од смрт.
Се чини дека АСА нуди мала корист за оние со помал ризик од срцев удар или мозочен удар, на пример, оние без фамилијарна историја за овие настани или без претходно постојна болест. Некои студии препорачуваат АСА со индивидуална процена, додека други сугерираат дека ризиците од други настани, како што е гастроинтестиналното крвавење, биле доволни за да ја надминат потенцијалната корист и се против употреба на аспирин за примарна превенција.
Постои и т.н. феномен на резистенција на АСА, кога ефикасноста на АСА е намалена. Овој феномен е редок, но постојат тестови кои се изведуваат на Институт за трансфузиологија кои ги идентификуваат пациентите што се отпорни, односно кај кои АСА нема антиагрегационо дејство. Кај нив се користи алтернативен антиагреганс. Овие тестови не се во рутинска употреба и се изведуваат само по назнака од специјалист-кардиолог.

По перкутаните коронарни интервенции (ПКИ), како што е поставување стент за коронарна артерија, Упатството на американската Агенција за истражување и квалитет на здравствената заштита препорачува АСА да се зема на неодредено време, односно доживотно. Често АСА се комбинира со инхибитор на рецепторот на АДП, како што се клопидогрел, прасугрел или тикагрелор за да се спречи згрутчување на крвта. Ова се нарекува двојна антитромбоцитна терапија ( ДАТТ). Оптималното времетраење на ДАТТ по ПКИ треба да се одреди индивидуално откако ќе се проценат ризиците на секој пациент од исхемични настани и ризици од настани од крвавење, најчесто до 1 година. Потоа се продолжува со единечен режим со АСА, доживотно.
Како заклучок од клиничките студии и секојдневната практика, ниските дози на АСА во примарна превенција (75-100мг), кај постојни ризик-фактори, и во секундарна превенција, кај веќе постојни кардиоваскуларни болести (коронарна, периферна, каротидна, цереброваскуларна), се индицирани и нивната употреба е оправдана, со индивидуална процена на ризикот од крвавење, кој се зголемува со придружната употреба на клопидогрел и антикоагулантна терапија. Кај овие пациенти со истовремена употреба на инхибитори на протонска пумпа (ИПП), како што е пантопразол, се намалува ризикот од крвавење.

Автор: примариус асс. д-р Емилија Лазарова-Трајковска
специјалист-интернист, супспецијалист- кардиолог

Универзитетска клиника за кардиологија - Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот